Камионите ќе се мерат само еднаш, ќе се поедностави движење на луѓе и стоки, царината ќе биде партнер на бизнис заедницата. Ова се дел од забелешките денеска кои доаѓаат по заедничката прес-конференција на директорите на царинските управи на Македонија и Србија, Стефан Богоев и Бранко Радујко.

Денеска во Ниш е потпишан Протокол за признавање на т.н кантарските белешки. Станува збор за Меморандумот и мерки за подобрување на движењето на луѓе и стоки кои треба да обезбедат полесен и побрз сообраќај.

Стефан Богоев истакна дека ќе се заштеди време и пари

Доколку наша компанија извезува во ЕУ, а таа транзитира низ Србија белешката од мерењето што ќе ја добие на излез од Македонија ќе важи до влез во ЕУ, што значи дека нема да има мерење ниту на влез ниту на излез од Србија, што реално ќе заштеди време и пари на македонските транспортери и компании – изјави Богоев.

Забрзување на царинските постапки

Протоколот предвидува забрзување на царинските постапки што ги вршат царинските органи на заедничкиот премин Прешево – Табановце, со што се отвора можност за двојно побрз сообраќај на товарни возила преку тој премин, се вели во соопштението на Царинската управа на Србија.

„Со овој протокол, кој ќе се применува од 1 февруари, значително ги забрзуваме царинските постапки и протокот на стоки, а ги намалуваме и трошоците за надворешно-трговското работење за стопанството. Со ова ја продолжуваме имплементацијата на концептот Отворен Балкан и силно го поттикнуваме зајакнувањето на конкурентноста на економиите на нашите земји“, изјави директорот на Царинската управа на Србија, Бранко Радујко.

Станува збор за иницијатива која е дел од проектот Отворен Балкан. Освен ваквото поедноставување, од ваквиот проект има многу бенефити, но дел од граѓаните се поделени во однос на ова прашање. „Наместо ЕУ добивме Отворен Балкан“, велат критичарите алудирајќи на тоа дека власта предводена од СДСМ ветуваше Европска Унија, а на крајот едвај имаме соработка со Србија и Албанија.