На работниот состанок што денеска се одржа во Стопанската комора меѓу претседателот Бранко Азески и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски бил изнесен заеднички став дека е време за обединување и голем договор значаен за иднината на државата.
Претседателот на Стопанската комора Азески по средбата изјави дека ги третираат сите прашања кои се од значење за бизнисот. Тој посочи оти на состанокот разговарале и за тоа дека енергетската криза сигурно ќе потрае уште една година и оти за тоа треба да се припремаат.
– Можам да кажам дека за голем број прашања делиме исти ставови што значи дека најголемата бизнис заедница и опозициска партија имаат свои заеднички ставови по прашањата на актуелните состојби, рече Азески, додавајќи дека имале размена на мислења и заеднички ставови по низа прашања.
Мицкоски од своја страна истакна дека од партијата имаат чувство како стопанството да не е во фокусот на политиките на Владата.
– Ова што денеска тука можевме да го слушнеме навистина голема загриженост за иднината на стопанството, а со самото тоа и за иднината на македонската економија. Бидејќи вие не можете да правите планови како држава и влада во приходите на буџетот, ако економијата е таа која не може да ги генерира тие приходи, односно да го полни буџетот. Затоа е многу важно фокусот да биде кон економијата, кон стопанството бидејќи тоа исто стопанство вработува луѓе, повеќе од 680.000 се вработени во приватниот сектор, тие генерираат приходи и дел тие приходи завршуваат во државниот буџет, а потоа и се трошат. Така што вие како влада не можете да трошите, ако стопанството вас доволно не ви приходува, рече Мицкоски.
Според него, поддршката што ВМРО-ДПМНЕ ја дава кон стопанствот и тоа, како што рече, кое го имаат како разбирање кон стопанството треба да продолжи, да се зголеми, да се интензивира во рамките на нашите можности.
– Подготвен сум да седнам да ги бранам позициите исто како што денеска го правев тука пред стопанствениците, да направиме еден голем договор којшто е многу значаен за иднината на Македонија. Во спротивно жалам што тоа можам да го констатирам, но предизвиците се големи, а проблемите ќе бидат уште поголеми, рече Мицкоски додавајќи дека власта нема капацитет за справување со енергетската криза и оти е потребна стратегија
Тој рече дека прашањето е дали државата ќе има доволно пари за да купи струја која што е потребна. Според неговите пресметки ако работат трите блока на РЕК Битола, двете турбини на Неготино, хидроцентралите и ТЕЦ Осломеј, тогаш дневно во одредени периоди државата ќе троши по половина милион евра за набавка на електрична енергија.
– Струја има, но прашањето е дали ние имаме доволно пари да ја купиме таа струја. И енергетската криза во еден момент ќе стане економска криза. Јас пресметав и тоа го образложив на овој состанок дека под услов да работат трите блока во РЕК Битола, да работат двете турбини во Неготино, хидроцентралите и ТЕЦ Осломеј, ние дневно во одредени периоди ќе трошиме по половина милион евра за набавка на електрична енергија која што ќе недостасува. Затоа што ние нема да можеме да произведеме 1.400, 1.500, 1.600 мегавати, онолку колку што и се потребни на Македонија. Ние зборуваме само за оној конзум кој што го има ЕВН Хоме. Ние не зборуваме за стопанството кое што е оставено да се справува самото со себе, појасни Мицкоски.