Изминатиов викенд во спортската сала Македонски Бранители во Берово се одржа дводневниот Меѓународен турнир во пинг понг “Зегин Опен 2022”. Организатор на турнирот е пингпонгарскиот клуб Зегин, а на истиот учествуваа натпреварувачи од Македонија, Бугарија, Србија, Косово и Грција.

Тренерот на клубот Јован Ковачовски истакна дека ова е прв Меѓународен турнир организиран во Берово, со идеја истиот да стане традиционален. Честа да го отвори турнирот му припадна на спонзорот на клубот, господинот Благој Механџиски, кој се заблагодари на сите учесници и најави дека поддршката на поголемо ниво ќе продолжи и во иднина.

-Посебна чест ни е да застанеме зад една успешна ваква организација и да помогнеме во уште поголем развој на овој спорт, рече Механџиски.

Во последните четири години компанијата ЗЕГИН вложи многу во пинг понгот.Од мал локален пинг-понг клуб ППК Зегин стана респектабилен клуб во Македонија и пошироко. Со почетоците на пинг-понгот во Берово почнаа и успесите и сега веќе клубот има неколку младински репрезентативци.

Наградниот фонд на Меѓународниот турнир кој е во организација на компанијата Зегин, Пингпонгарската федерација и истоимениот пинг понгарски клуб ППК ,,Зегин” изнесуваше 5000 евра, а организаторите за следната година најавија поголем фонд на награди.

Првото место на завршниот ден од турнирот во машка конкуренција му припадна на Милан Миленковиќ од Србија, додека најдобра кај жените беше Дамла Хасанова од Бугарија. За победникот Милан Миленковиќ, Зегин Опен 2022 е најдобриот турнир на кој учествувал.

-Ова беше феноменален турнир, прв пат сум овде, многу јаки играчи дојдоа. Противникот со кој играв во финалето е доста перспективен, но добро се борев и го освоив првото место. Секоја чест за клубот од Берово кој со поддршка на својот спонзор ова го овозможија, рече победникот Миленковиќ.

Првопласираната во женска конкуренција Дамла Хасанова од Бугарија која настапува за ППК „Зегин“ исто така изрази задоволство од одличната организација на турнирот.

-Многу сум задоволна бидејќи победив и во јуниорска и во сениорска конкуренција. Од оваа година настапувам за клубот од Берово и се надевам на успешна сезона, рече Хасанова.

Останати победници на турнирот се:

Сениори

1. Милош Миленковиќ- Србија

2. Фатих Карабаџаку- Косово

3. Кристијан Станојковски- Македонија и Ѓорѓе Петровиќ- Србија

Сениорки

1.Хасанова Дамла- Бугарија

2.Драганова Кристина- Бугарија

3.Николов Уце Амелија- Македонија и Радак Сара- Србија

Јуниори

1. Фатих Карабаџаку- Косово

2. Теодор Волканоски -Македонија

3. Александар Јакимовски- Македонија и Ѓорѓе Петровиќ- Србија

Јуниорки

1.Хасанова Дамла – Бугарија

2.Радак Сара- Србија

3.Стојановска Ана- Македонија и Деспина Ампа- Грција