Нема да има просперитет во земјава ако државата продолжат да ја водат сервилни, лукративни, манипулативни, самобендисани и неуки луѓе кои себеси се нарекуваат политичари. Ваква порака денеска испрати претседателот на МАНУ, Академик Љупчо Коцарев, во обраќањето по повод Одбележување на Денот на Македонската академија на науките и уметностите.
Во продолжение неговиот став
Во Македонија веќе повеќе години, прашањата поврзани со владеење на правото, се поврзани со политиката, односно со погрешно решавање на проблемите. Практика која стана пресудна за иднината на државата. Тоа треба еднаш засекогаш да престане. Ваквиот начин на владеење, создаде држава со партиски кадри, кои го погазуваат Уставот, ги погазуваат законите и процедурите. Законите ги толкуваат произволно и во сопствена корист, и институциите сами си земаат за право да одлучуваат дали е нешто уставно или не, изјави Коцарев.
Тој им порача на политичарите без интегритет, кои се манипулативни, сервилни и самобендисани, да престанат да се занимаваат со политика, и да им дадат можност на луѓето кои навистина сакаат да работат во интерес на државата.