„Собранието секогаш имало пристојна оценка од страна на Комисијата, за првпат оваа година оценката е спуштена. Зошто е спуштена? Јас ќе ве потсетам дека во рамки на Собранието оваа година претседателот Талат Џафери пцуеше вработени, покрај тоа што ги пцуеше вработените, затвораше врата на пратеници. Покрај тоа што ги затвораше вратите, ние баравме во европските вредности и во духот на демократијата да имаме комисија којашто ќе ги утврди фактите. Владејчакото мнозинство не дозволи да отпочне дебата во која што ќе се разговара за поведението на Џафери, тоа е една работа зошто оценката е спуштена за работата на Собранието од страна на Комисијата“, истакна Љупчо Пренџов, пратеник од редовите на Коалицијата „Обнова на Македонија“ во гостување во емисијата „Аргумент плус“ на 24ТВ.
Пренџов додаде дека втора работа зошто Собранието има спуштена оценка од страна на ЕК е поради тоа што во Извештајот пишува дека оваа Влада имала 81 закон по скратена постапка, а тоа значи дека намалила простор и време за дебата со опозицијата за да разговараат со цел да се донесат подобри закони.
„Трето, во Извештајот пишува една реченица каде што вели дека има чудни критериуми со кои што се ставаат знаменца со ЕУ и се злоупотребува Европската Унија. Јас ќе ве потсетам дека такви знаменца имавме на законот за лотарија и игри на среќа, каде што ДУИ треба да инкасира 20 милиони евра годишно. Имаме две интерпелации како опозиција, значи интерпелација е една од најсуштинските алатки на опозицијата каде што може да зборува цел ден пред целата јавност за определен функционер. Но две интерпелации се ставени под тепих и никаде ги нема. И затоа ЕК вели дека состојбите во Собранието се катастрофални и не се на никакво ниво, а единствената причина за тоа е власта“, нагласи тој.
Пратеникот посочи дека опозицијата сака да се почитува ред, Устав и поредок. Но, власта бидејќи нема континуирано мнозинство го кршат Деловникот и Уставот.
„За следниот Извештај ќе имаме веќе огромен минус, бидејќи за првпат во историјата надвор од Деловник точка непомината на Комисија целосно се става без известител на седница на Собрание за уставни судии. Тоа е тотално кршење на Деловникот“, укажа Пренџов.