Германската влада планира да ја легализира продажбата и консумацијата на канабис, а според плановите претставени денеска во Берлин треба да се дозволи количина до 30 грама.

„Во иднина на возрасните ќе им биде дозволено да купуваат и поседуваат количина до 30 грама канабис, а во ограничена мерка ќе биде дозволено и одгледување за свои потреби“, рече министерот за здравство Карл Лаутербах при презентирањето на предлог-законот.

Предлог-законот предвидува и продажба на канабис „за уживање“ во специјализирани овластени продавници, а подоцна и во аптеки. Продажбата ќе биде дозволена само за возрасни.

Според социјалдемократскиот министер Лаутербах, целта на законската иницијатива на федералната влада е да се потисне нелегалниот пазар.

„Бројот на корисници и количината на ТХЦ во нелегалниот канабис се зголемува. Владата сака да го потисне црниот пазар и да ја декриминализира сцената со канабис, што може да придонесе за подобра заштита на младите и децата“, рече Лаутербах.