На седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет во тек е амандманската расправа за Предлог-законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза, по скратена постапка. Поднесени се вкупно девет амандмани за предложеното законско решение од кои шест од пратеници од опозицијата и три од пратеници од власта.
Како што истакна заменик-министерот за труд и социјална политика Енвер Хусеин предложеното законско решение е дел од антикризните мерки и со него треба да им се помогне на илјадници граѓани полесно да се справат со енергетската криза.
-Со него ќе се обезбеди финансиска поддршка за корисници на право на социјална сигурност на стари лица, корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост, лица со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост, без потреба од контролен преглед, самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош, корисници на право на пензија во висина до 14.000 денари, корисници на право на надоместок за телесно оштетување и невработени лица корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок, односно стечајни работници, рече Хусеин.
Финансиската поддршка за корисниците кои оствариле прво на социјална заштита изнесува 3.000 денари месечно, за период од четири месеци, започнувајќи од наредниот месец од денот на влегувањето во сила на овој закон. Финансиската поддршка за пензионерите чија пензија не поголема од 11.525 денари месечно, изнесува 1.500 денари месечно, а за оние со пензии од 11.525 до 14.000 денари месечно, изнесува 750 денари месечно, за период од четири месеци. Финансиската поддршка за корисниците со право на надомест од телесно оштетување изнесува 750 денари месечно, за период од четири месеци. Финансиската поддршка за стечајците изнесува 3.000 денари месечно, за период од четири месеци.
Како што посочи тој исплатата ќе се врши на трансакциска сметка на корисникот на финансиска поддршка без поднесување на барање од стана на корисниците врз основа на списоци кои се изработени согласно податоците на Министерството за труд и социјална политика, Фондот за ПИОМ и Агенцијата за вработување.
-Корисниците кои ќе добијат помош ќе се објават на веб-страниците на МТСП, Фондот за ПИОМ и Агенцијата за вработување најдоцна до 5-ти во месецот и датумот кога ќе се врши исплатата на финансиската поддршка, рече Хусеин.
Во текот на досегашната расправа беа разгледани три амандмани од кои двата поднесени од опозицијата не беа прифатени, а еден понесен од владејачките пратеници беше едногласно прифатен од сите членови на комисијата. Со него се предвидува корисници на финансиската поддршка покрај пензионерите со пензии до 11.525 денари, односно до 14.000 денари кои се жители на земјава да бидат и корисници на сразмерен дел од пензија остварена во земјава врз основа на меѓународни договори.
Во двата амандмана што не беа прифатени опозицијата бараше да се зголеми опфатот на граѓани кои ќе добијат парична помош, да се зголеми периодот на доделување парична помош од четири на шест месеци и да се зголеми вредноста на доделената парична помош.
Членовите на Комисијата од опозицијата во текот на своите обраќања неколку пати повторија дека во интерес на граѓаните ќе ги поддржат сите три амандмани што ги поднесе власта и дека ќе го поддржат и законското решение во целост без разлика дали ќе бидат поддржани нивните амандмани. Како што посочија, нивните амандмани може да се реализираат преку пренамена на средства за непродуктивни трошоци во СОЗР, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Министерството за финансии,.. Сметаат дека непречено можат да се обезбедат дополнителни 1,46 милијарди денари колку што пресметале дека ќе чини доколку се зголеми вредноста, опфатот и времетраењето на финансиската поддршка.