Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против Г.Н.(33) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа” по член 378 од Кривичниот законик.
Пријавениот, во текот на 2022 година извршил преправка на сообраќајната дозвола на своето патничко возило во рубриката ,,важи до“, при што биле преправени вистинските податоци и биле впишани невистинити податоци, односно била преправена годината на регистрација, па наместо до 2021 година било впишано до 2022 година.
Така преправената сообраќајна дозвола ја употребил при изготвување и потпишување на купопродажен договор за отуѓување на возилото, доведувајќи го во заблуда купувачот на возилото дека важноста на регистрацијата е до 2022 година.