Директорот на „Слобода превоз“ Ленин Јовановски смета дека нервозата не ја создаваат приватните превозници, туку е поттикната од она што се случува во изминатиот период и како што вели, неразбирањето на Арсовска.
-Ние даваме шанса повторно. Нека си се бркаат криминалите, нека оној кој грешел нека одговара, но тоа да се врши паралелно без да трпат граѓаните и јавниот превоз. Зборувме за логичен и добар компромис. Во спротивно ништо не можеме да направиме за да натераме некого од приватниците. Правото на протест е демократско право и никаде во светот тие што протестираат не се под било каков притисок и закани како што ги доживувавме ние и со раскинување на договори. Ако веќе треба некој да се докажува кој е посилен, нека се остави да се направи во законското дозволиво, рече Јовановски на денешната прес-конференција по повод протестите на приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“.
Јовановски вели дека Владата не може да помогне во случајот, а притоа секаде се обратиле.
-Не сме ние терористи, па градоначалничката да вика дека не разговара под закани и уцени. Кажете вие некому една закана или уцена. Дали некому земавме пари или му отидовме дома? Имаме разбирање, со секој се седнува, дури и завојувани страни седнуваат. Што зло направија овие луѓе за да не бидат сослушани? Очигледно дека некој сака да го префрли проблемот и да не го реши, категоричен е Јовановски.
Директорот на „Слобода превоз“ повтори дека остануваат на ставот за блокада на две крстосници и булеварот „Илинденска“ во понеделник доколку во овие два дена не дојде до отплаќање на барем дел од долгот од ЈСП Скопје.