Грчката влада во февруари ќе издвои 650 милиони евра за парична помош за граѓаните поради големите зголемувања на цените на храната, објави во саботата вечерта грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.

Премиерот во саботата доцна вечерта во парламентот најави дека државата на граѓаните ќе им врати 10 отсто од парите потрошени на купувањата до одредена сума. Мерката ќе биде применувана шест месеци, почнувајќи од февруари, додаде Мицотакис.

Повратот од 10 отсто ќе им се исплаќа на самците кои месечно за храна ќе потрошат до 220 евра. За секој дополнителен член на семејството, границата ќе се зголеми за 100 евра до максимални 1.000 евра за месечна набавка на храна.

„Настојуваме што повеќе да им помогнеме на домаќинствата“, рече Мицотакис.

Програмата со вкупен проценет износ од 650 милиони евра ќе биде финансирана преку даноците на нафтените рафинерии во земјата. Парламентот не мора да ја одобри оваа владина мерка.

Двојките коишто заработуваат до 24.000 евра годишно ќе имаат корист од оваа програма. За секое дете ќе им бидат додадени 5.00 евра. Програмата би требало да помогне на повеќе од 85 отсто од населението, проценува премиерот Мицотакис.