Командантот на мировните сили на Косово предводени од НАТО кажа дека располага со луѓе и капацитети потребни за да се гарантира безбедноста, како одговор на барањето на Србија да распореди сили за зачувување на редот на Косово во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.

Белград побара да испрати до илјада српски војници и полицајци на Косово во услови на големи тензии на северот на поранешната покраина која еднострано прогласи независност. Италијанскиот генерал Анџело Микеле Ристучија, командант на силите на Кфор на Косово, не го спомна директно српското барање, но кажа дека неговите сили можат да ја контролираат ситуацијата.

„Очекуваме од сите страни да се координираат со Кфор и да се воздржат од секаква провокативна демонстрација на сила за да се гарантира безбедноста на сите заедници“, се наведува во изјавата.

„Кфор располага со капацитети и персонал за да ги гарантира безбедноста и слободата на движењето на сите заедници низ Косово“, кажа тој, повикувајќи се на мандатот од ОН за неговите сили. „Од октомври го засиливме присуството, а оваа недела на северот на Косово испративме дополнителни сили и патроли“.

Етничките Срби, огорчени поради апсењата на поранешни полицајци, поставија барикади на патиштата и го сопреа сообраќајот на двата административни премини со централна Србија. Косово, каде повеќето од 1,8 милиони жители се Албанци, еднострано прогласи независност во 2008, која не ја признаваат Србија и поголемиот дел од меѓународната заедница.

Српската влада во четвртокот донесе одлука за барање да се вратат српски полицајци и војници за „заштита на српското население на Косово и Метохија“. Српскиот претседател Александар Вучиќ кажа дека е „речиси сигурен“ дека барањето нема да биде прифатено, а косовската претседател Вјоса Османи го отфрли како провокација.