Новите монети на кои е испишана додавката северна не ги прифаќаат автоматите за кафе и автоматите за плаќање на самоуслужните сервиси за миење автомобили. Без разлика дали се работи за монета од пет, два или еден денар, автоматите што нудат каква било услуга не ги прифаќаат и ги исфрлаат како неупотребливи, пренесува А1он и истото го деменстрира преку пример од кафемат кој можете да го погледнете во прилог.
Додавката северна ја има на новата серија ковани пари, која почна да се изработува по уставните измени, со кои се промени името на земјата во Република Северна Македонија и кога следуваше преименувања на државните институции, меѓу кои и на Народната банка на Република Македонија.
„По уставните измени на називот на нашата држава и на нашата институција, направени со уставните амандмани, сите нови изданија на парите на Народната банка мора да бидат во согласност со овие уставни измени. Народната банка редовното надополнување на резервите ковани пари, со кои се овозможува соодветна застапеност на сите апоени во оптек, го спроведува со транспарентни постапки за јавни набавки во согласност со Законот за јавните набавки.
Пуштањето во оптек на кој било апоен, па така и на кованите пари, не се врши еднократно, односно во оптек не се пушта целата изработена количина, туку се врши постепено пуштање во согласност со динамиката на повлекувањето на кованите пари кои се оштетени и треба да се заменат во согласност со барањата на банките и центрите за готовина“, рекоа од Народната банка за „А1он“ .
На прашањето на што се должи неприфаќањето на монетите во ваквите автомати и дали се работи за ковани пари со поинаква легура, од Народната банка рекоа дека поради рационализација на трошоците и примена на современите трендови на изработка, извршено е приспособување на материјалот, но тежината и димензиите не биле променети.
„Народната банка во насока на примена на современите трендови за изработка на ковани пари и рационализација на трошоците за изработка уште од 2015 година изврши приспособување на материјалот од кој се изработуваат кованите пари со апоенска вредност од 1, 2 и 5 денари, но другите карактеристики (тежина, димензии) се непроменети. Следствено, причината за неприфаќањето одредени апоени во одредени машини за самопослужување треба да ја детектираат и лоцираат производителите, овластените застапници или сервисерите на овие машини“, истакнаа од НБРМ за „А1он“.
Според законот, НБРМ има ексклузивно право да издава книжни и ковани пари и е одговорна за снабдување со книжни и ковани пари, а Советот на Народната банка ги определува номиналната вредност, големината, тежината, дизајнот, безбедносните и другите карактеристики на книжните и на кованите пари издадени во Република Северна Македонија.
Во 2019 година, со уставните измени, на над 130 институции им беше наложено да станат национални или северни наместо македонски според договореното во преспанскиот договор.