Претседателот на Собранието Талат Џафери на редовната средба со новинарите на која се разговараше за уставните измени, нефункционалноста на Парламентот поради немањето кворум и предвремените парламентарни избори, не беше расположен да го коментира своето учество на партиските собири на ДУИ и забелешките од новинарите дека како претседател на Собранието на партискиот лидер Али Ахмети му се обраќа со „команданте“, како во 2001 година и дека тоа во 2023 година е неумесно. Тој рече дека како член на ДУИ сака и оди на партиските собири.
„И да е 2101 година на Ахмети ќе му се обраќам со команданте. Работа на наш однос е како ќе му се обраќам на Ахмети“, рече Џафери.
Претседателот на Собранието Талат Џафери нема да свика собраниска седница за инцидентите кои ги нарушија дипломатските односи на Македонија и Бугарија. Тој смета дека нема потреба да го повика министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со пратениците бидејќи министерот секогаш доаѓал на комисии и сите одговори во врска со темата можел да ги даде таму.