Ги повикуваме претседателот Пендаровски, премиерот и министерот за внатрешни работи лично да ги слушнат проблемите на Бугарите во Македонија на средба со нив, порача бугарскиот европратеник Андреј Ковачев кој денеска во Европскиот парламент се сретна со претставници на здруженијата Бугарите во земјава.
Тој рече дека македонските Бугари се залагаат за што поскоро членство на Македонија во ЕУ.
„Ова е од корист за сите граѓани на РСМ, за Бугарија, за целиот регион и за Европа. Тоа е она за што работиме и затоа бугарското претседавање со Советот на ЕУ имаше за цел да ги убеди нашите партнери дека интеграцијата на Западен Балкан треба да се случи што е можно побрзо. Со војната во Украина и пропагандната војна во Бугарија и во земјите од Западен Балкан, тоа е исклучително важно, мора да се поддржат проевропските сили“, изјавил Ковачев, пренесуваат бугарските медиуми.
Бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук ја нагласи потребата за промена на македонскиот Устав.
„Се додека не се смени Уставот и не се вклучат сите чинители на македонското општество – Бугарите, Хрватите и Црногорците – во главниот документ на земјата, ќе биде многу тешко да се оди по патот на европеизацијата“, рече тој.
Претседателот на Граѓанско-демократскиот сојуз – Петар Колев , побара од службите да ги откријат оние кои работат на продлабочување на спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија :
„Очекувам надлежните македонски институции, како што се Агенцијата за разузнавање, претседателот на државата, кој ги контролира овие тела, да не ги дискредитира, туку да излезе со конкретни имиња – кои се овие организации и каде се финансираат“, рече тој, пренесе бнр бг