Судењето за случајот „Ласкарци“ продолжува на 7 февруари откако денеска беше испитувано вештото лице Зекирија Зекири, дел од тимот што го изготвил машинското вештачење.

На почетокот на денешната расправа, јавниот обвинител Дарко Јакимовски го испрашуваше вештото лице Зекирија Зекири во врска со околностите утврдени во машинското супервештачење.

Распитот продолжи со прашања околу податоците од техничките прегледи на автобусот како и тафографската лента.

Преку испитувањето, обвинителот посочи на континуитетот на техничката неисправност на возилото при што вештаците рекоа дека овие прашања не биле наведени во наредбата од судот и не биле предмет на изготвување на супервештачењето.

На прашањето „Не видовте во списокот никаков доказ кој што требал да им биде на располагање на возачите од кој што можат да видат дека возилото било технички исправно“, вештото лице Зекирија Зекири одговори не.

Во однос на прашањето кој од вештите лица ја анализирал тафографската лента и дали воопшто се спомнува во вештиот наод, вештакот Зекири одговори „не се сеќавам“.

Околу релевантноста на доказите, вештакот одговори дека сѐ што сметале дека е меродавно и го сметаат за добра анализа е ставено во наодот.

Потоа следуваше дискусија околу системот за кочење и начинот на кој овој тим донел заклучок дека нема докази дека е активиран системот за кочење на што вештите лица посочија дека за тоа подетално ќе објасни сообраќајниот тим.

Супервештачењето што Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, а Техничкиот факултет во Битола, своевремено, дополнително извести и дека го вратиле предметот бидејќи нивните лиценцирани вештаци за машинство се стручни само за енергетика и не можат да вештачат моторни возила. Од Кривичен, потоа, информираа дека контактирале со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје, од каде што биле известени дека тие немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила кои не учествувале во претходните вештачења. Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Судскиот процес за несреќата што започна во септември 2019 година го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски.