Министерот за здравство, Беким Сали, кажа дека скапиот лек „Трикафта“, првично ќе биде набавен за осум пациенти кои се во потешка здравствена состојба. Според него, се стремат да го остварат ветувањето да биде набавен за 30 пациенти до крајот на годината. Набавката ќе започне откако ќе се изменат законите кои се спорни, за да лекот биде купен директно од производителот. Сали кажа дека не може да каже кога лекот ќе биде во Македонија и додаде: „Се надевам дека пациентите ќе добијат терапија што побрзо“, пренесува Макфакс.
„Ќе бидеме во постојана комуникација се до комуницирање со производителот и обезбедување на терапија првично за осум пациенти кои се во потешка здравствена состојба, а стремежите се набавката на лекот да биде за 30 пациенти во текот на годината. Се надевам дека со измените на Законот за јавни набавки и останатите закони поврзани со набавка на лекови, ќе обезбедиме и терапија за пациентите“, кажа Сали.
Министерот Сали кажа дека не може да потпише писмена гаранција дека ќе го набават лекот, како што беше побарано од болните од цистична фиброза, а за да не организираат нов протест за утре.
Прашан зошто лек само за 30 пациенти, Сали рече: „22 пациенти се во средно тешка состојба. Првиот пакет е за 30 пациенти. Иницираме преговори со производителот за цената, се надевам дека ќе го зголемиме бројот идната година“.
Засега не се знае по која цена ќе се набави лекот.
„Ги немаме деталите за финалната цена на лекот. Пристапуваме кон директни преговори со производителот на лекот. Поради тој пристап имаме потреба од измени на закони кои сметаме дека следната недела ќе ги иницираме. Немаме финална цена. Имаме информации за чинењето на еден третман на еден пациент“, кажа Сали.
Според министерот за финансии, Фатмир Бесими, гаранција дека лекот ќе се набави е нивниот збор даден јавно.
„Тоа што сме пред вас и соопштуваме, тоа е најголемата гаранција дека ова прашање ќе го решиме. Ние сме одговорни јавни личности кои носиме јавни функции. Нашиот збор треба да се цени, бидејќи таков заклучок имаме заеднички, на Влада. Прашања на време е околу формалниот дел. Другото е на лекарите да го решаваат“, кажа Бесими.
Во Македонија има околу 130 пациенти со цистична фиброза.