Турската полиција проведе 12 лица поради урнатите згради во југоисточните покраини Газијантеп и Шанлурфа по силниот земјотрес кој ја погоди Турција, јавуваат турските медиуми. Меѓу приведените се и одговорни за изградбата на зградите.
Најмалку 6.000 згради се урнаа откако земјотресот со јачина од 7,8 степени по Рихтер го погоди регион, убивајќи десетици илјади луѓе и предизвикувајќи гнев поради лошиот квалитет на градењето, пренесува Франс прес.
Се очекуваат нови апсења откако јавниот обвинител во Дијарбакир, една од 10 југоисточни покраини погодени од земјотресот, денес издаде налози за апсење на 29 лица.
Еден од уапсените денес бил изведувач на работите на зграда во Газијантеп, а полицијата го фатила во Истанбул.
Обвинителите почнале неколку истраги во покраините, вклучувајќи ја Караманмараш, каде се наоѓа округот Пазарџик кој беше епицентарот на земјотресот.
Турското министерство за правосудство им наредило на обвинителите во 10-те покраини да формираат „специјални канцеларии за истрага на злосторствата поврзани со земјотресот“.
Вчера турската полиција го уапси првиот човек на компанија која изградила зграда со 250 луксузни станови во покраината Хатај. Тој е уапсен на аеродромот во Истанбул, наводно додека се обидувал да избега од земјата.
Турција има тешка историја со големи земјотреси, а квалитетот на градењето е толку лош што зградите се распаѓаат. Експертите тврдат дека Турција има прописи за спречување такви катастрофи, но градежните фирми не ги спроведуваат. Најголемите градежни компании често се блиски до владејачката партија АКП и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пишува АФП.
Турските правила за градење редовно се ревидирани од земјотресот во 1999 во северозападна Турција, а последен пат во 2018.
„На хартија стандардите постојат, а надзорот им е доверен на приватни компании“, вели истанбулскиот архитект Ајкут Коксал.
Но надзорот е слаб, додава тој, давајќи им на компаниите поголема слобода да ги следат или не правилата.
Комплицираните бирократски процедури исто така завршуваат со разводнување на одговорноста ако се случи трагедија и има толку многу чекори и потписници што на крајот е тешко да се одреди кој е одговорен.
Претседателот Ердоган даваше голема важност на квалитетот на изградбата откако неговата Партија на правдата и развојот (АКП) дојде на власт во 2002 година. Развојот на градежништвото поттикна значителен економски раст под Ердоган во првите години од неговото владеење.