Косовскиот премиер Албин Курти синоќа во телефонски разговор со високиот советник на Стејт департментот Дерек Шоле потврдил дека Приштина го прифаќа европскиот предлог за договор меѓу Косово и Србија. „Премиерот во тој разговор го потврди својот став за европскиот предлог како добра основа за понатамошни разговори во насока на нормализација на односите.
За нормални, европски и добрососедски односи, премиерот Курти истакна дека покрај заемното признавање во основа на договорот мора да се земат предвид и правата на националните малцинства“, соопшти косовската Влада.
Станува збор за предлог даден од страна на Франција и Германија кој в понеделник ќе биде тема на разговор помеѓу Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Средбата ќе се одржи во Брисел, а домаќин на средбата ќе биде високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Според најавите од претходно, предвидено е Борел и специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, да имаат одвоени средби со лидерите на Србија и Косово, по што ќе следува и заедничката средба.
Ова ќе биде прва средба на лидерите на Косово и Србија годинава по тензиите кои доминираат во односите од летото минатата година, а се одразија и на настаните на терен.