Минатата година во Србија работеле 500 Македонци, од кои 174 се жени, а другите се мажи. Ова го пишува српски Блиц бизнис, повикувајќи се на Националната служба за вработување во таа држава. Со тоа Македоците се на шесто место според бројот на странски работници кај нашиот северен сосед, откако првото и второто место ги зазедоа Кинези и Руси, додека Украинците се после нас, на шестата позиција.

Инаку, минатата година во Србија работеле точно 35.174 странци, што е за околу 12.000 повеќе од 2021 година. Имено, толку Националната служба за вработување издала работни дозволи на странски државјани во таа земја, потврди за Блиц бизнис Зоран Мартиновиќ, директор на Службата.

Од околу 35.000 странски државјани кои лани заработиле плата во Србија, 5.919 биле жени, а најмногу работни дозволи им биле издадени на кинески државјани. На второ место се најде Русија, а потоа следат Турција и Индија.

Работни дозволи за странски државјани во 2022 година.

ПР Кина 10.044 (1.030 жени), Руска Федерација 8.081 (2.330 жени)

Турција 5.672 (119 жени), Индија 2.974 (23 жени)

Куба 703 (255 жени), Македонија 498 (174 жени)

Украина 484 (276), Непал 420 (89 жени),

БИХ 354 (80 жени), Црна Гора 325 (109 жени)

– Најголем број странски работници во претходната година беа ангажирани пред се во областа на градежништвото. Станува збор за различни профили на градежни работници – ѕидари, арматурни работници, помошни градежни работници, гипсари, столари… Издадени се и голем број дозволи на заварувачи. Исто така, издадени се и поголем број работни дозволи на ИТ експерти од различни области на ИТ дејност – рече Мартиновиќ.

Дополнително, значителен број странци се вработени како помошни работници во различни стопански гранки, како што се услужни дејности, угостителство и хотелиерство.

Кога се гледа степенот на стручно образование на странците, мнозинството се работници со трет, четврти и седми степен на стручно образование, но има и многу нискоквалификувани работници.

Русите ги подигнаа бројките

За една година бројот на работни дозволи е зголемен за околу 12.000. Споредувајќи ги податоците со 2021 година, може да се забележи дека бројот во 2022 година е значително зголемен со доаѓањето на Русите. Од нив 8.081 добиле дозвола за работа во 2022 година, а 1.367 една година претходно.

Во 2022 година се издадени вкупно 35.174 работни дозволи на странски државјани, во 2021 година 23.662, а во 2020 година 12.932 работни дозволи.

Вработувањето на странци во Србија се реализира под услов странецот да има регулиран престој во Републиката (алтернативно, виза Д врз основа на вработување или одобрен привремен престој, односно одобрен постојан престој) и работна дозвола.

Работна дозвола за вработување се издава на барање на работодавачот, во согласност со состојбата на пазарот на трудот.