Пекарско-мелничарската индустрија влезе во отворена војна со Владата по најавата за замрзнување на цената на лебот на 33 денари за која сметаат дека е донесена еднострано, без консултација со производителите. Денес се заканија дека ќе престанат со производство веднаш откога одлуката за замрзнување на цената ќе излезе во „Службен весник“ и нема да носат леб на пазарот оти замрзнувањето на цената за нив значи затворање на компаниите.
Горан Ѓорѓиевски, претседател на Агро-бизнис комората при Сојузот на стопанските комори на Македонија и сопственик на пекарницата „Специјал“, денес одговори на обвинувањето од министерот за економија дека нема да дозволи воено профитерство и ќе ја замрзне цената на лебот оти само некои од пекарниците ги намалија цените.
„Слушнавме некои навредливи зборови, дека сме биле воени профитери, ние на тоа можеме да одговориме – ова се советско-болшевички методи за ограничување на цената со ваков начин. Треба едноставно да се поразговара, да се видат реално параметрите затоа што, верувајте, едногласно сите големи производители во Македонија утврдија и кажаа дека буквално ќе затворат. Не може државата да префрла фирмите да ѝ ја вршат нејзината социјална функција. Тоа сега се случува. Фирмите треба да платат за државата да ја исполни социјалната функција“, рече Ѓорѓиевски.
Тој детаљно објасни како ја формираат цената на лебот за да докаже дека 25-те денари за килограм пченица се само еден од многуте сегменти што влијаат.
„40-45 отсто е материјален трошок, не е само жито туку и квасец, сол и така натаму, 30 – 35 отсто е работна рака, десетина проценти е енергија и 15-ина проценти се други трошоци, како кредити, пакувања, лизинг и слично. Не е само житото за формирање на цената. Има голем дел работна рака. Дали знаете дека во овој момент има голем одлив на население, кое масовно оди да работи во западните земји, дали знаете дека тој недостиг креира високи цени на работната рака сега во моментот? Платите скокаат сериозно за овие квалитетни занаетчии, пекари, слаткари и така натаму. Само 10 отсто е субвенцијата за електричната енергија. За да се транспортира лебот, има комбе, кое троши нафта. Повеќето од пекарниците користат нафта во производниот процес, не струја, тие печки работат на нафта. Со кој било што сака може да седнеме и реално да разговараме во проценти и прецизно да кажеме“, рече Ѓорѓиевски.
Според него, Македонија треба да ги искористи искуствата на околните земји за формирање и одржување на цената на лебот. Во Србија како успешен модел, Ѓорѓиевски вели дека цената е фиксна, но државата им дава брашно од стоковите резерви, а во Бугарија бруто-платите половина се од државата, а другата половина од компаниите. Посебен проблем, според него, е тоа што во основни производи се два типа бели лебови, а Владата сега зборува за намалување на цените на сите производи.