Ден пред почетокот на судењето за случајот Пендиков, Основниот суд во Охрид денеска доби дојава за поставена бомба, по што објектот беше целосно евакуиран.

Пораката на електронската пошта беше испратена ноќеска, а во неа е најавено дека бомбата ќе експлодира во 12 часот на пладне.

По проверките полицијата утврди дека станува збор за лажна дојава.

Од Судот ја отфрлаат можноста дека заканата е поврзана со утрешното судење.

Велат дека иако денеска се соочија со застој во работата, тоа нема да влијае на рочиштата закажани за утре.

„Дојавата се одрази на работата  на Основниот суд во Охрид, затоа што до 12 часот судот не можеше да работи, сите вработени излегоа надвор. Се одложија судењата закажани  до 12 часот, а потоа Судот продолжи со работа,  велат од Основниот суд во Охрид

Инаку закани за поставени експлозивни направи утрово добија и 19 средни и основни училишта во Скопје и едно во Прилеп, по што полицијата ги евакуираше објектите и изврши антитерористички проверки.

Ваквите закани се случуваат со месеци, тоа го нарушува секојдневното нормално функционирање,  предизвикуваат страв и паника, посебно кај децата, а последиците ќе бидат долгорочни, велат експертите.

„Направиле добра проценка на ранливоста на нашата држава на нашиот општествен амбиент и делуваат во таа насока,  ни прават опструкција, што  тешко се открива. Не е лесно да се открие, но не и невозможно да поставиме бариери за да не биде тоа толку експлицитно и да не предизвикува страв, вели проф. д-р Злате Димовски, факултет за безбедност.

Димовски вели дека исклучително е важно да се изгради систем на отпорност од овие напади и соодветно да се спротиставиме, затоа што во спротивно, наместо решавање на реалните проблеми, државата сите капацитети ќе ги троши на  овие сајбер напади.

„Тоа ќе не дефокусира од сите проблеми, економски, политички, социјални, безбедносни, енергетската криза. Ќе не дефокусира и  таму работите ќе одат на полошо од она што би можело да бидат, а ние целото внимание да го насочиме кон ваквите проблеми“ – вели Димовски.

Димовски потврдува дека тешко се стигнува до било која електронска пошта, особено по неговата  промена, доколку нема вмешани лица од внатре, но стравува дека целата ова ситуација може да ја искористи сосема трето лице, а не дојавувачот, затоа што во вакви услови се активираат сите деструктивни сили  и оние со екстремистички ставови.