Големата турска опозициска коалиција, составена од шест партии, денеска и официјално се распадна поради несогласувањата околу заедничкиот кандидат кој требаше да му се спротивстави на актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган на изборите закажани за 14 мај.
Ердоган е на власт повеќе од две децении и на изборите ќе оди на трет претседателски мандат. Изборите ќе се одржат според планираното, и покрај разорниот земјотрес од 6 февруари, во кој загинаа повеќе од 45.000 луѓе во земјата.
Втората најсилна опозициска партија во коалицијата, ИЈИ, не ја прифаќала кандидатурата на Кемал Киличдароглу, претседателот на најголемата опозициска Републиканската народна партија (ЦХП, Социјалдемократска). Кандидатурата на Киличдароглу требало да биде официјализирана во понеделник.
Основачката и претседателка на партијата, Мерал Акшенер, во телевизиско обраќање го изрази своето жалење за изборот на Киличдароглу, оценувајќи дека тој е резултат на „ситна пресметка“ која не одговара на општиот интерес на Турците.
„Шестката на маса (популарното име на опозициската коалиција) од вчера веќе не може да ја одразува волјата на народот“, вели единствената жена меѓу лидерите на опозицијата.
„Оваа коалиција повеќе не е платформа на здравиот разум, каде што може да се разговара за можни кандидати, туку стана нотарска канцеларија која работи на потврдување на единствен кандидат“, предупреди таа. Таа ги покани двајцата популарни градоначалници на Истанбул и Анкара, Екрем Имамоглу и Мансур Јавас, членови на ЦХП, да се кандидираат.
„Ве сака нашата земја, ве сака народот“, рече таа по средбата со раководството на нејзината партија. Иако го поддржуваше „својот претседател“ Кемал Киличдароглу, Јавас во вторникот рече дека е подготвен да ја исполни својата „должност“ доколку коалицијата го побара тоа од него.
Денеска Имамоглу ја повтори својата поддршка за кандидатурата на претседателот на ЦХП. Некои од опозицијата мислат дека на Киличдароглу (74), поранешен висок функционер од алевитското малцинство, му недостасува харизма во споредба со Ердоган, кој сака да ги истакнува своите лидерски способности.
Но, Ердоган ќе мора да одговори на прашањата за бавната реакција на спасувачките служби во првите часови по земјотресот на 6 февруари и неуспехот на владата да ја предвиди опасноста од земјотресот. Земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала, кој уништи единаесет провинции на југот на Турција, предизвикува и големи логистички проблеми, меѓу другото поради раселените 3,3 милиони луѓе.