Без плата, без осигурување и без договори за вработување. Вака повеќе од два и пол месеци работат 140 медицински сестри и друг здравствен персонал во Здравствениот дом во Скопје. Велат дека со години имале само договори, но не и решенија за работа, пренесува АЛСАТ.
„Ние сме без здравствено осигурување, без пензиско осигурување и без денови за одмор. Вакви сме три години. Сега уште два и пол месеци и влегуваме во третиот месец и без договори за работа и без плати. Работиме максимум, осум часа“, рече Несрине Емини, медицинска сестра.
Медицинските сестри велат дека бидејќи се со договори на определено време или на работа, внимаваат да не се разболат бидејќи ако пропуштат само два дена, тогаш ќе им скратат од платата, која е минимална, само 20 илјади денари. Велат дека вака работеле и за време на пандемијата. Нивниот нерешен статус ги тера повеќето да размислуваат да се иселат од државата.
„За време на пандемијата работевме во две смени, работевме максимално преку заразни болести, многу тешко беше, бевме под стрес, со болни луѓе, тешко ни беше, но работевме затоа што нè ангажираа. Оди ваму, оди таму! Ние никогаш не рековме не. Работевме максимално. Со платата што ја имаме, а во сабота кога работеа сестрите не им плаќаа, туку им даваа слободен ден“, додава сестра Емини, пренесе Алсат.
Директорот на Здравствениот дом во Скопје, Бесим Кока, вели дека барањето за продолжување на договорите за 140-тте вработени го поднел во декември минатата година, но сè уште не добил одговор од Министерството за финансии. Според Кока, одолговлекувањето на одговорот може да биде и од политички причини, бидејќи тој ја поддржува огнената група во ДУИ.
„Не 140, туку 5-10 од нив ако не функционираат, ние би биле дестабилизирани како институција. Затоа се многу битни, важно е многу брзо да ги земат. Како што знаете јас и некои други директори треба да бидеме разрешени од позициите затоа зошто мислиме поинаку. Можеби и тоа е дел од проблемот“, рече Бесим Кока, директор на Здравствен дом
Од Министерството за здравство за Алсат велат дека чекаат одговор од Министерството за финансии. Од ресорот на Фатмир Бесими пак, тврдат дека дале позитивен одговор дури и пред истекот на рокот. Но, од Фондот за здравство велат дека согласност од Министерството за финансии добиле за 47 лица со фиксен договор и за 67 други со договор на дело и тоа вчера во попладневните часови. Денеска ги обработиле. Исти проблеми има и Здравствениот дом во Тетово каде голем број медицински лица работат и без плати и без договори.