По падот на акциите за 20 отсто, банката возврати со соопштение дека ќе позајми 53 милијарди од својот најголем акционер – Швајцарската централна банка, што придонесе за обновување на довербата, скок од 30 отсто и стабилизирање на акциите
Итниот пакет од 50 милијарди франка го спаси од ненадеен итен колапс швајцарскиот финансиски гигант Кредит Свис.
Откако Саудиската национална банка во средата објави дека поради регулаторни ограничувања не може повеќе да ја крепи Кредит Свис, акциите на циришката банка за неколку часа панично тргување изгубија 20 отсто од вредноста. Банката возврати со соопштение дека ќе позајми 53 милијарди од својот најголем акционер – Швајцарската централна банка, што придонесе за обновување на довербата, скок од 30 отсто и стабилизирање на акциите.
Централната банка потврди дека ќе ги издвои побараните милијарди за да ја гарантира ликвидноста на Кредит Свис и да ѝ овозможи на втората најголема банка во алпската земја да ги спроведе реформите за да заздрави од скандалите, тужбите и губитоците во 2022 година.
– Засилената ликвидност ќе ги поддржи основните бизниси и клиенти, за да може Кредит Свис да ги преземе нужните чекори да се трансформира во поедноставна и пофокусирана банка, изградена врз потребите на клиентите – соопшти Швајцатската централна банка.
Кредит Свис во февруари пријави загуби од 7 милијарди во 2022 година и предупреди на значителни губитоци и во оваа година, поради забрзаното повлекување на средства во изминатите три месеци и одлевање на над 100 милијарди франка.
Надолниот тренд е поврзан со низата скандали што ја потресоа банката со 169-годишна традиција, особено обвиненијата дека не спречила бугарска криминална група да испере пари од шверц на кокаин. И банката и нејзиниот поранешен службеник што директно беа обвинети отфрлаат каква било одговорност за перење пари, но инвеститорите ја изгубија довербата. Нов удар беше одлуката на суд од Бермуда дека нејзин поранешен службеник е одговорен за осумгодишна измана преку фалсификување потписи на клиенти, вклучувајќи го и поранешниот грузиски премиер Биџина Иванишвили.
Банкарскиот сектор е исклучително нестабилен по турбуленциите во САД и пропаста на Силикон банката, која ги крепеше информатичките стартапи во Калифорнија. Падот и подемот на Кредит Свис се пресликаа на индексот на европските банки, кој веднаш закрепна по најдрастичниот пад од основањето. Акциите на азиските берзи паднаа за 1 отсто, а на Вол стрит останаа стабилни.
Експерти тврдат дека за нестабилноста се одговорни радикалните одлуки на Федералните резерви на САД и на Европската централна банка за кревање на каматите.
– Кога и да се случи такво нешто, знаете дека некаде во финансискиот сектор се крие голем ризик. Тоа е како да тегнете ластик и не знаете кога ќе се скине – вели Штефан Герлах, главен економист во циришката банка ЕФГ.
Аналитичари од „Џеј Пи Морган предупредуваат дека кризата не е завршена.
– Заемот од Централната банка може да не биде доволен да ја смири загриженоста на инвеститорите. Се враќаме на ниезвесна територија. Не знаете што не знаете – предупредува Демиен Руни од брокерската куќа „Аргонаут“.