Градилиштето кое пред две недели наликуваше на базен, вчеравечер проголта дел од улицата 9 мај. Ниту казните, ниту забраните не се пречка за инвеститорот Бинјапи инжинериг кој очигледно нема намера да го запре градежниот хаос зад Универзална.
Зградата се гради спротивно на добиеното одобрение, а веќе 4 месеци сликата на терен е иста – градежната јама е незаштитена, соседните парцели се оштетени.
Градоначалникот Герасимовски два пати досега и лично го затвораше градилиштето, а фирмите од утрово се казнети со 12.500 евра.
Со оглед дека двете забрани за градење досега не дадоа резултати, бидејќи инвеститорот сам ги отстрани лентите и продолжи со градење, Герасимовски вели дека општината разгледува и поригорозни мерки, меѓу кои и одземање на дозволите за градба.
Уривањето на улицата 9ми Мај и узурпацијата на јавниот простор е само последниот, од многуте примери негрижа за општината и грижа само за личните интереси на кадрите од СДСМ, реагираше и опозицијата.
Герасимовски мора да одговори дали неконтролираното издавање градежни дозволи и бетонизацијата на градското јадро од компании со забрана за градежни работи повторно ќе удри врз џебот на граѓаните? Посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.