Наводните организатори пред повторно судење, а наводните извршители со казни повисоки од убијци, за упадот на 27 април во Собранието. Паднатата пресуда за обвинетите за организирање на упадот предизвика бура од реакции кај правната фела и целата јавност. Анархија во судската пракса, хаос и тотална нелогичност е фактот што обвинетите нарачатели за упадот во Собранието се пред повторно судење, а извршителите издржуваат драконски затворски казни, смета адвокатот Звонко Давидовиќ кој се надева дека Апелација се вразумила, а Врховен суд допрва ќе се одважи и по теркот на второстепениот суд ќе утврди дека не е докажано уривање на уставниот поредок и кај извршителите кои се на издржување казна затвор.
„Точно е тоа дека ова нема логика, создава хаос во судската пракса, но судството ни е на ниски гранки, не внимава на многу работи. Ако ги погледнете пресудите за како што велите организираните за 27 април имаат подолготрајни казни од убијците, за убиство добиваат помали казни. Особено ако имате предвид дека има низа пропусти, дури дел од нив беа амнестирани зашто што треба да гласаат во Собранието. Оние што ги отворија вратите и овозможија да се влезе внатрево Собранието, тие се дома, и не им се случи ништо , а другите се на издржување казна затвор, а особено со годините кои ги имаат, се на издржување доживотен затвор“, вели адвокатот Звонко Давидовиќ.
Двојни аршини од Апелација за организаторите и извршителите, смета адвокатот Драган Пешевски. Според него ниту кај организаторите ниту кај извршителите не е докажано дека тие имале намера да извршат рушење на уставниот поредок, па оваа пресуда покажува како што вели дека Апелација се вразумила.
„Излегува дека генералите се на слобода, а војниците се на бесалка и во затвор. Сега мислам топката е фрлена кај Врховен суд, да го врати предметот на повторно судење за наводните извршители по оваа пресуда. Апелација очигледно за овој предмет во една ситуација одлучи на еден начин, во друга ситуација одлучи на друг начин“, вели адвокатот Драган Пешевски.
Пресудата за нарачателите ги скара Кривичен и Апелација, а замерка на пресудата најде и новиот министер за правда барајќи од Судскиот совет да испита одговорност кај судиите што го вратија предметот назад. Кривичен суд, пак му порача на министерот да ги анализира повредите поради кои предметите застаруваат пред да реагира, а на Апелација и воочи зошто не ја направила анализата дали обвинетите имаат право да се амнестираат повикувајќи се на Законот за амнестија од 2018 и да донесе пресуда, наместо да го врати предметот назад. Апелација вчера одлучи дека Кривичен суд во пресудата не ја образложил намерата за уривање на уставниот поредок кај обвинетите, ниту направил анализа дали тие имаат право да се повикаат на Законот за амнестија.