Српскиот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура Горан Весиќ најави заедничка товарна железничка станица на Србија и Македонија во Табановце, јави дописиникот на МИА од Белград.
-Ќе имаме заедничка товарна железничка станица така што возовите повеќе нема да застануваат на граница, туку прегледот ќе се врши во Табановце. Кон средината на мај во Бијело Поље ќе отвориме заедничка железничка станица со Црна Гора така да возовите повеќе нема да застанува на граница туку во Бијело Поље каде ќе имаме царина и полиција, и српска и црногорска, и се ќе биде на едно место, изјави Весиќ за белградски Јуроњуз.
Тој додаде дека вакво нешто Србија ќе има и со Унгарија, во Сегедин, каде ќе се врши царината и пасошката контрола и оттаму возовите без застанување ќе влегуваат на територијата на Србија.
Весиќ изјави и дека брзата пруга меѓу Белград и Будимпешта ќе биде завршена во 2025 година и додаде дека срспскиот дел од пругата ќе буде завршен до 2024 година.
Меѓу другото, тој изјави и дека очекува од јули Србија да има интегрирана наплата на патарина со Македонија, а наскоро и со Хрватска.
-Тоа значи дека, доколку користите електронска наплата на патарина, ќе треба таг уредот да го врзете со платежна картичка и ќе можете целосно слободно да поминувате низ Северна Македонија со српски таг што ќе работи на секоја патарина, а патарината ќе се наплаќа од платежната картичка и нема да има повеќе застанување, објасни Весиќ и додаде дека оние кои имаат таг од Северна Македонија ќе можат да патуваат низ Србија на ист начин.
Весиќ кажа дека за ова се водат преговори и со Хрватска, дека за ова ќе биде вклучена и Албанија, а се разговара и со Грција.
Минатата недела, Весиќ и министерот за градежништво и транспорт на Унгарија, Лазар Јанош, изјавија дека ќе испратат заедничка покана до министрите за транспорт на Македонија, Албанија, Бугарија, Грција и Турција да дојдат во Белград за да разговараат за развојот на брзите железници во регионот, која прво ќе се изгради од Белград до Будимпешта, а подоцна и до македонската граница.
-Разговаравме за продолжување на брзата пруга кон Ниш, а подоцна и кон македонската граница. Се договоривме заеднички да потпишеме една иницијатива и да испратиме покана до министрите за транспорт на Турција, Бугарија, Македонија, Албанија и Грција и да разговараме за продолжување на брзата железница кон Албанија, односно преку Северна Македонија кон Грција и преку Бугарија кон Истанбул, така што брзата железница навистина би имала смисла и ќе ги поврзе нашите две земји со турскиот и грчкиот брег за патнички и карго сообраќај, изјави Весиќ по средбата со Јанош. (МИА)