Бугарскиот министер за надворешни работи, Николај Милков, вели дека Бугарија нема да прифати никаква формулација со која на македонските Бугари би им се доделил статус поинаков од оној на другите уставно признати народи во Македонија.
Ставот го изнесе бугарскиот шеф на дипломатијата, Николај Милков, откако претседателот Стево Пендаровски го нарече скандалозно барањето Бугарија да биде дел од процесот на уставни измени.
„Не станува збор за мешање на Бугарија во внатрешните процеси на нашата соседна земја. На крајот на краиштата, ние први ја признавме како независна земја. Станува збор за создавање атмосфера на доверба преку конструктивна комуникација, доколку се оцени дека таква е возможна. Но, според нашата проценка, тоа е крајно задоцнето и крајно неопходно – за да можеме да се движиме кон полноправни добрососедски односи. Македонските Бугари мора конечно да добијат еднаквост во секој поглед и во Уставот и подоцна во рамките на законите“, рече Милков.
Пендаровски претходно денес рече дека во 21 век апсурдно е да барате да се мешате во внатрешните политички и во уставно-правни процеси на која било држава, а тоа не го прават ниту окупаторите кон земјите, териториите или државите што ги окупираат.
– Јас лично не мислам дека изјавите од ваков тип водат кон смирување на ситуацијата, посочи Николај Милков во врска со изјавата на Пендаровски.
Во врска со почетокот на овој процес, Милков изјави дека ги поздравува напорите на Република Северна Македонија за исполнување на обврските, кои, според него, треба да доведат до практична рамноправност на тукашните Бугари.
Успешното завршување на еден ваков процес ќе доведе до издигнување на билатералните односи на квалитативно ново ниво и ќе даде позитивен поттик на напорите на Република Северна Македонија за почеток на преговори за членство во Европската унија, изјави Милков. Тој посочи дека процесот на промена на Уставот секако е внатрешна работа на Република Северна Македонија.