Во овој предмет ексшефот на УБК се гонеше за примање награда за противзаконито влијание, а првостепено беше осуден на две години затвор, објави 360 степени.
7 април 2023 година. Датумот кога настапува апсолутна застареност за кривично гонење на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, за делото примање награда за противзаконито влијание бидејќи навршуваат 10 години, што е двојно повеќе време од максималната казна (5 години) за ова дело, сметано од времето на сторување.
Мијалков за ова дело се гонеше и првостепено беше осуден на две години затвор во случајот „Титаник 2“, кој се однесува на договарање за гласање за приговори во корист на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во 2013 година во Струмица, кои биле поднесени во ДИК.
До застарување дојде откако поминаа речиси пет години од првото одржано рочиште за овој предмет. Оттогаш случајот не успеа да дојде до правосилна пресуда. За предметот еднаш се донесе осудителна пресуда во Основниот кривичен суд во март 2019 година, но Апелација го врати на ново судење. Во повтореното судење, пресуда беше донесена во јануари годинава, но до денеска предметот не успеа да помине пред Апелација за пресудата да стане правосилна.
Седница во второстепениот суд за жалбите требаше да се одржи на 30 март, но се одложи бидејќи не беа присутни сите странки затоа што биле неуредно поканети. Нова седница тогаш се закажа за 13 април со што „потонаа“ шансите Апелација да донесе одлука до 7 април односно пред да застари делото на Мијалков.
Застарувањето официјално не е констатирано од суд и се очекува тоа да се официјализира по јавната седница следната недела.
Во „Титаник 2“, ексшефот на УБК е единствениот што се гонеше за примање награда за противзаконито влијание. Другите обвинети се гонат за повреда на избирачкото право, а меѓу нив се лидерот на ДПА, Мендух Тачи и поранешните членови на ДИК: Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.
Ова е второ застарување на дело за Мијалков. За истото дело – примање награда за противзаконито влијание, тој се гонеше и во „Таргет-Тврдина“, кој се однесува на масовното прислушување и уништување на опрема за следење на комуникациите. Таму делото му застари претходно, па тој во случајот сега се гони за преостанатите две дела од обвинението: злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба и овластувања.
Овие две дела, пак, му застаруваат во 2025 година. И овој предмет ја имаше истата судбина како и „Титаник 2“. Во декември 2022 година Апелација ја укина осудителна пресуда од првостепениот суд, со која Мијалков доби 12 години затвор, и го врати случајот на ново судење.
Истото се случи и со „Трезор“, кој се однесува на начинот на набавка на британска опрема за следење на комуникациите, а каде што ексшефот на УБК беше осуден на осум години затвор. Апелација во ноември 2022 година соопшти дека ја укинува пресудата и во моментов, исто како и за „Таргет-Тврдина“, во тек е повтореното судење пред Основниот кривичен суд.
Мијалков беше обвинет во „Тортура“ за начинот на апсење на Љубе Бошковски во 2011 година, еден ден по парламентарните избори на 5 јуни. Но, таму доби ослободителна пресуда од Основниот кривичен суд Скопје и таа на 23 март годинава ја потврди и Апелација.
Еден ден подоцна – на 24 март 2023 – второстепениот суд се огласи и за пресудата во „Плацови на Водно“. Таму ексшефот на УБК од Кривичен беше осуден на една година и три месеци затвор за помагање во кривичното дело перење пари, а Апелација ја преиначи казната од затворска во условна.
Апелација за „Плацови на Водно“: Затворската казна за Мијалков стана условна, а на Груевски се зголеми за две години
Единствената затворска казна Мијалков во моментов ја има во „Империја“, случај за кој постигна спогодба со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и се договори на конфискација на дел од неговиот имот и да одлежи три години затвор. Меѓутоа, со промена на адресата од Скопје во Охрид, тој затворската казна ја издржува во затворот во Струга кој е од отворен тип, односно осудениците таму имаат право да одат на работа, да користат викенди и годишни одмори.