По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април, денеска, во Владата, се одржа настан, на кој, покрај претставниците на Владата, присуствуваа и пратеници, амбасадори, претставници од Советот на Европа, РОМАКТЕД, градоначалници и други граѓански организации.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, во своето обраќање се осврна на заложбите на Владата – градење едно општество за сите и систем во кој сите граѓани ќе имаат еднакви права, еднаков пристап до ресурси и еднакви шанси за напредок.

„Силно се залагаме, интензивно работиме и со сите наши ресурси целиме кон Европската Унија. Свесни сме дека промени треба и мора да има за да ги исполниме европските стандарди и да одговориме на нивните иницијативи за унапредување на целокупното општествено живеење. Како држава се залагаме за забрзана интеграција на Ромите во сите општествени сфери“, истакна Тренчевска.

Како резултат на Берлинскиот процес, Македонија ја усвои декларацијата за интеграција на Ромите и со тоа се обврза за подобрување на нивната состојба во областа на образованието, вработувањето, здравството, домувањето, граѓанската документација и борбата против дискриминацијата. Како држава пристапивме кон изработка на нова стратегија за инклузија на Ромите 2022 – 2030, која е дел од јавните политики на нашата држава за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на ромската заедница со сите етнички заедници. Во согласност со потпишаната декларација „Познањ“ и преземените обврски, кои произлегуваат од неа, како Министерство, во рамките на своите надлежности, го имплементиравме проектот „Инклузија на децата Роми во предучилишното образование“, чија цел е отстранување на постојните бариери за пристап до предучилишни установи на децата Роми на возраст од 3 до 6 години, инклузија на децата и нивна социјализација, како и зајакнување на свеста кај нивните родители за важноста на раниот детски развој и образованието на нивните деца“, рече Тренчевска.

Информира дека 400 деца Роми на годишно ниво бесплатно се вклучени во јавните детски установи преку заеднички проект на Министерството за труд и социјална политика, Ромскиот едукативен фонд и 20 единици на локалната самоуправа. Во текот на годините на имплементација на проектот бесплатно се вклучени околу 5.000 деца во 20 општини.

„Од особена важност е и вклучувањето на Ромите на пазарот на трудот. Македонија е на највисоко скалило со бројот на вработени Роми во државната и јавната администрација од сите земји во регионот (150 Роми се вработени во институциите на системот). Креирањето на активните мерки за вработување, во кои Ромите се таргет во неколку од нив, помага во вклучувањето на Ромите на пазарот на трудот“, рече Тренчевска.

Таа информира и дека и младите невработени Роми (15-29 години) исто така се опфатени со планот за гаранција за младите 2020-2022 година.

Министерката истакна дека подготвен и усвоен е посебен акциски план за жената Ромка, кој ја отсликува заложбата на Владата да работи на поголема инклузија на жената Ромка и нејзина интеграција во општеството.