Тридневните, масивни воени вежби што кинеската армија ги изведе во близина на Тајван се сериозно предупредување за тајванските сепаратисти и странските сили, изјави денеска портпаролот на кинеското МНР, Ванг Венбин.
„Вежбите се сериозно предупредување за тајванските сепаратисти кои ја промовираат независноста на островот и за странските сили кои провоцираат. Вежбите се и неопходна мерка за заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет на Кина“, рече Ванг на брифингот.
Кинеската армија ги почна тридневните поморски и воздухопловни воени вежби и патроли во просторот околу Тајван во саботата, неколку дена откако тајванската лидерка Цаи Инг-вен се сретна со спикрот на амерканскиот Претставнички дом, Кевин Мекарти.
Кинеското МНР ја осуди средбата меѓу американските и тајванските официјални лица, повикувајќи го Вашингтон да престане да ги унапредува односите со независниот остров што Пекинг го смета за кинеска територија.
Пекинг ги смета контактите меѓу тајванските власти и странските високи претставници за охрабрување на Тајванците кои сакаат формална независност, чекор за кој владејачката Кинеска комунистичка партија вели дека ќе доведе до војна.
Во рамките на воените вежби најавени како „проверка на борбената подготвеност“ и замислени како предупредување до властите во Тајпеј, најмалку 70 кинески авиони се доближиле до островот, а 35 од нив ја преминале т.н. средна линија на Тајванскиот теснец и навлегле во тајванската обележана зона на воздушната одбрана.
По завршувањето на вежбите, Кинеската армија излезе со соопштение во кое се нагласува дека е подготвена за борба, пренесе Асошиетед прес.
„Трупите во секое време се подготвени за борба и за одлучно да ја уништат секоја форма на тајванска независност и обидите за странско мешање,“ се наведува во соопштението.
Воените експерти посочуваат дека воените вежби не само што ѝ служат на кинеската армија како начин на заплашување, туку се и можност за трупите да вежбаат „запечатување“ на Тајван со блокирање на воздушниот и на поморскот сообраќај, што е важна стратешка опција што кинеската армија би можела да ја искористи во случај на примена на воена сила за да го заземе Тајван.
Според директорот на Институтот за истражување на националната политика на Тајван, Куо Ју-Јен, Пекинг сака да го искористи секое засилување на дипломатската интеракција меѓу САД и Тајван како изговор за обука на своите трупи.