Стапката на непланирана бременост кај адолесцентите во земјава е 11 % и претставува една од највисоките во Европа. Дополнително, стапката на малолетнички породувања е 15,7 на 1.000, што е речиси трипати повеќе од просекот од 6 на 1.000 породувања за земјите од Европската Унија.
Најголем број меѓу малолетните мајки се Ромки, а сепак пристапот до информации и услуги за сексуално и репродуктивно здравје им е ограничен. Ова се дел од информациите што беа споделени на овонеделната дебата „Колку се младите мајки, а особено Ромките, препознаени и услужени од системот на здравствена и социјална заштита“ во организација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
Според истражувањето за влијанието на ковид-19 врз пристапот на младите до информации за сексуалното и репродуктивното здравје, којшто го спроведе младинската група формираната во рамките на регионалниот проект „Младите зборуваат, младите одбираат“, дури 38 % од опфатените млади Роми се соочиле со тешкотии да дојдат до потребните информации за сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ). Младите од ранливите заедници за многу теми од СРЗ покажале двојно поголема потреба од информации за разлика од општата популација.
За младите мајки и за бремените, што е и за очекување, прашањата за бременост, породувања и грижа по породувањето биле од најголем интерес, додека младите Роми најмногу се интересирале за заштита од гинеколошки инфекции, менструација или третирање на хормонални проблеми.
Постоечката општествена стигма и дискриминација, но и немањето здравствена документација и осигурување придонеле кај Ромите да биде отежнат пристапот до СРЗ услуги. Чувството на страв и анксиозност кај младите мајки поради слабата информираност за ковид-19 влијаеле врз нивната здравствена безбедност.
Азиза Сали од Здружението „Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари“ ја илустрира сериозноста на проблемот преку двата случаи на починати родилки кои поради немање гинеколог во општината за време на пандемијата, немале можност да прават редовни гинеколошки прегледи.
„Без пристап до матичен гинеколог во самата општина, девојките и жените не можеа ни да добијат потврда за контролирана бременост што создаде дополнителна пречка во остварувањето на социјалните права“, истакна Сара Сејфула од Центарот за социјална работа.
Од друга страна, пак, искуството на д-р Ламбе Крстески, кој работи како матичен гинеколог во Шуто Оризари во изминатите 6 месеци, покажува дека пристапот до гинеколог е исклучително важен во грижата за репродуктивното здравје, но и за целокупната добросостојба на жената.
„Во моментот, кај мене се обраќаат 1000 Ромки. Досега се породени околу 15 Ромки, сите живи и
здрави“, сподели тој.
Меѓу панелистите беше и Нада Тофоска, социјална работничка од ЈЗУ Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство, која се осврна на социјалните последици што ги носат малолетната бременост и мајчинство:
„Поради бременоста, малолетните девојки и девојчиња го напуштаат образовниот процес, поради што подоцна ниско котираат на пазарот на трудот. Ова има долгорочни последици не само за нивната економска независност, туку и за нивното ментално здравје. Многу често тие се соочуваат со депресија, па и со физичко и сексуално насилство, што потоа драматично влијае и на нивниот однос кон децата.“
Конечно, беше заклучено дека и јавно-здравствениот и граѓанскиот сектор треба многу попосветено да работат на информирање на Ромките во репродуктивен период за достапните услуги и за придобивките од редовното посетување гинеколог, вклучително и за мерките предвидени за ранливите групи на жени во Превентивните програми на Министерството за здравство. Дел од решението несомнено може да биде и сеопфатното сексуално образование преку кое ќе се едуцираат младите Роми и Ромки за важноста на возраста во планирањето на бракот и бременоста наспроти постојните штетни практики кои произлегуваат од традицијата.