Лео Меси одново е главна тема во светот на фудбалот. Договорот на аргентинскиот ас со ПСЖ истекува на крајот на сезоната по што 35-годишникот ќе биде слободен да ја бира новата средина, објави Екипа.
А, за истата има четири опции. Првата е продолжување на договорот со францускиот правак и за следната сезона со оглед на опцијата која ја има во неговиот договор, а второто е онаа најверојатната – враќање во редовите на Барселона.
За „враќање дома“ на својот најголем фудбалер во историјата говореше и раководството на Барселона. Претседателот Жоан Лапорта во разговор со навивачите даде потврден одговор, а и тренерот Чави веќе стапил во контакт со својот поранешен соиграч.
Барселона се соочува со финансиски проблеми, но самиот камбек на Меси ќе генерира поголеми финансии за клубот од продажба на дресови, билети за натпревари и спонзори па неговото враќање ќе биде од голема помош за омилениот клуб.
Другите две опции се заминување од Европа. Саудискиот клуб Ал Хилал му нуди на Аргентинецот вртоглави 400 милиони евра за потпис, а опција е и премин во Соединетите американски држави и Интер Мајами, клубот под водство на Дејвид Бекам.