Кога имате несериозна власт, кога власта владее со купи ден, продај. Ние бевме сериозни со хрватскиот модел, но од другата страна се се прави сосема поинаку. Зборуваат за дијалог, ама многу е доцна за дијалог. Кога народ имаше на улиците и кажуваа немојте да го правите ова, тогаш беше моментот да се разговара, изјави пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска во „Анализа“ на ТВ24.
Ласовска потенцираше дека македонскиот народ се чувствува понижен и како граѓани од втор ред со оваа власт и со тоа што власта ги прифаќа бугарските барања.
– Дали на овие кои се согласиле со сите бугарски барања и промена на Уставот им одговара да нема Македонци и како такви да одиме во Европската Унија? Оние експерти кои ги ангажирале дали ќе ги ја гледаат Декларацијата или Протоколот од бугарското Собрание? Протоколот вели – усвојување на годишните извештаи за работата на заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања. Како што кажа францускиот амбасадор во Бугарија, измената на Уставот ќе биде најмалата и најнеболна работа која понатаму ќе следува. Дали мислите дека ова го одобрува македонскиот народ? – вели Ласовска.
Во врска со темата за промена на 20% во Уставот таа вели дека Уставот е јасен и дека треба да се фокусираме на македонскиот јазик кој е нападнат.
Многу е јасен Уставот во Членот 7, амандман 5, став 6, тука не се работи само за албанскиот јазик, туку и за српскиот, влашкиот, турскиот. Имаме општини во кои се практикува двојазичност на српски, турски, што правиме со тие општини? Бројката 20% е ставена од фактот дека сме мултикултурно општество. Нападнат е македонскиот јазик од сите страни и тука треба да се фокусираме и треба поддршка од сите кои живеат во Македонија, изјави Ласовска.