Министерството за образование и наука во вторник ќе направи измена на конкурсот за гинеколошко-акушерска сестри во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“, што претходно предвидуваше за следната учебна година да има само паралелка на албански јазик, но не и на македонски јазик.
„Конкурсот за упис во средно образование во учебната 2023-2024 година е исто така заеднички дефиниран, но сепак, постои време и простор за измени. Во таа насока, иницијативата на СУГС Д-р Панче Караѓозов“ е веќе разгледана и информираме дека ќе биде прифатена, односно ќе се отвори и паралелка на македонски наставен јазик за профилот гинеколошко акушерска сестра, соопштија од МОН за Телевизија Сител.
Оваа одлука доаѓа откако во јавноста имаше многу бурни реакции.
Професорката Весна Јаневска од Комисијата за образование на ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“ вели дека во средното медицинско училиште секогаш има интерес да се запишат учениците во повеќе смерови особено зашто струката гинеколошко-акушерска сестра е атрактивна и со неа може да се вработат и во странство а не само во Македонија. Меѓутоа, додава доктор Јаневска, годинава е направена лоша проценка од страна на училиштето и на таков начин им е ускратено правото на учениците да учат на смерот што го сакаат на македонски јазик.