Фудбалерот на ПСЖ, Лионел Меси не сака веќе да игра за клубот од Париз, кој му изрече двонеделна суспензија на аргентинскиот фудбалер поради заминување за Саудиска Арабија без дозвола од тренерот Кристоф Галтие, објави денеска весникот Л‘ Екип.
Меси по поразот во неделата од Лориен (1-3) го напушти тренинг кампот на ПСЖ и отпатува за Саудиска Арабија поради спонзорски обврски. Тој рече дека очекувал фудбалерите да добијат два слободни дена, но клупското раководство одлучи играчите да тренираат по поразот од Лориен.
ПСЖ го суспендираше Меси на две недели и Аргентинецот нема да може да настапи на дуелите против Троја и Ајачио.
Аргентинецот би требало да се најде во составот на ПСЖ во финишот на сезоната против Оксер, Стразбур и Клермон, меѓутоа, Л‘Екип наведува дека Меси веќе не сака да игра за клубот, бидејќи договорот му истекува на крајот на сезоната.
„После сè што се случи на Меси не му се враќа на теренот и не може да се замисли себеси повторно да заигра на „Паркот на принцовите“, бидејќи знае дека навивачите ќе го дочекаат со свирежи“, пишува Л‘Екип.