Единствен ефикасен начин за борба со корупцијата е што побрзо отворање на поглавјата во процесот на преговори со ЕУ. Ова го вели шефот на дипломатијата, Бујар Османи во интервју за „Трилинг“.
,,Нема подобар механизам за борба со корупција од преговорите со ЕУ. Во светот нема создадено попрецизен механизам за борба против корупција, освен исполнувањето на Копенхашките критериуми и членството во ЕУ. Ние како Влада велиме дајте тој процес да почне за да може тие механизми, тие микроскопи, инструменти за борба против корупцијата да се активираат. И ја имате другата страна која вели – ‘не, да не се активираат тие механизми’. Ова го наметнува прашањето: Кој се обидува да се бори против корупцијата?”, рече Османи.
Министерот смета дека отворањето на преговорите во поглавјата за правосудство, основните права, правда, слобода и безбедност ќе го дадат неопходниот поттик за интензивирање на реформските процеси во државата.
,,Нема друг начин, сè е пробано. Сè друго е импровизација. Може да се донесат најдобрите закони доколку не се имплементираат, нема резултат. Единствено докажан досега, инструмент за чистење на едно општество, делумно, од корупцијата е членството во ЕУ, односно исполнување на критериумите за членство. Не постои поефикасен инструментариум од отворањето и затворањето на поглавја, односно исполнување на критериумите за членство во ЕУ. Затоа се бориме за отворање на поглавјата”, вели Османи во синоќешното интервју за „Трилинг“.