Зошто отпорот против веќе злогласниот договор со конзорциумот „Бехтел“ и „Енка“ е врвен чин на уставен патриотизам, борба за демократија и порив за народен суверенитет? Една од клучните разлики помеѓу една држава и една колонија, мандатна територија, протекторат или друга форма на окупирана, колонизирана и потчинета целина е токму можноста за самостојно уредување на сопственото живеење, односно независно донесување на Уставот, законите и на сите други правни норми. Самостојните држави самите ја определуваат регулаторната рамка за општеството, а кај вазалите „газдата“ одлучува кои норми ќе важат. Притоа, се случува и освојувачите да се одлучат целосно да ја игнорираат културата на еден народ, па да наметнат сопствено право, поточно неправо.

Пишува: Ивица БОЦЕВСКИ

Правото е само еден од појавните облици на културата на едно општество, а анализата на правните норми и на еволуцијата на правниот поредок е и своевидна историска форензика на духот на заедницата. Всушност, законодавството е и еден вид дестилат како една нација смета дека треба да изгледа животот на нејзината територија во еден даден момент на историјата. Актуелното македонско законодавство во себе ги содржи резултантите од сите некогашни конфликти во македонското општество, но и визиите за идниот развој на државата. Одбраната на уставниот и на законскиот поредок е и одбрана на суверенитетот, на демократијата и на изборените човекови права и слободи.
За жал, во Македонија посегнувањето кон уставниот поредок не започна со лошиот договор за изградба на автопатиштата со конзорциумот од „Бехтел“ и „Енка“ туку нешто порано. Зоран Заев не криеше дека со усвојувањето на Преспанскиот договор и со востоличувањето на „Северна…“ требаше да се погребат Македонија и македонската нација, а на нејзиното место да израсне неговиот „мултиетнички народ“.

Целокупната легитимација на проектот „Преспански договор“ беше бришењето на автентичната и самоникната култура на македонскиот народ, во сите нејзини појавни облици, вклучувајќи го и уставниот и правен поредок, па создавање некаква експериментална нова култура на „мултиетничкиот народ“ на македонските простори. Од тие причини се спореше македонската историја, се укинуваше правото на македонските археолози да го проучуваат културното наследство, на македонските фолклористи да собираат етнички белези од целиот простор каде што отсекогаш живееле Македонци како домородно население, а и на македонските историчари автономно да ја пишуваат историјата на македонскиот народ. Меѓу другото, се доведуваа под прашалник и националните симболи, а се појде и кон исмевање и искривоколчување на националните митови, составен симбол на националната приказна на една нација. Оние што тврдеа дека се борат да ја ослободат Македонија, само ја претворија во заробена држава, а Македонците во закрепостени слуги на еден конзорциум… логичен крај на една „шарена лага“.

Една површна анализа на досегашните извадоци од договорот помеѓу Владата и конзорциумот „Бехтел“ и „Енка“, исто така, укажува кои биле изворите и моделите по кои се изработувало ова правно чудовиште. Навидум се чини дека станува збор за архаични договори, од англосаксонскиот правен свет, склопувани помеѓу мултинационални корпорации и вазални власти (колонијални, неоколонијални, окупирани и слично). На врвот на белиот европски хегемонизам (кои ги вклучува и државите доминирани од европските доселеници) се случувало да биде избришан правниот поредок на некоја освоена земја, па таму наметнатите власти (вазални или колонијални) да создаваат некој нов правен поредок. Притоа се јавувал проблем затоа што цели правни области биле неуредени нормативно и мултинационалните компании имале проблем како да функционираат во такви ситуации. Одговорот бил „пронајден“ со изработка и потпишување на ваков тип договори, каде што ентитетот и корпорацијата создавале сосема ново право, со цел да се уреди дејствувањето на компанијата (конзорциум во нашиот случај) во таа територија. Секако корпорациите имале намера да применат правни норми од нивните домашни законодавства што ги штитат, но и да измислат регулатива што озаконува експлоатација на ресурсите на ентитетот, па дури и овозможува „увоз“ на работна рака од други краишта на светот. Денешниот етнички мозаик на многу катчиња низ светот се своевиден жив паметник за ваквиот тип „правни договори“, како на Карибите, во Африка или во Југоисточна Азија.
Уставниот патриотизам е крилатица искована по Втората светска војна, а актуализирана по падот на реалсоцијализмот. Да се биде уставен патриот значи да се бранат демократскиот поредок, сеопфатното граѓанство, човековите слободи и права, како и да се оневозможи повампирување на сеништата од минатото и сите форми на дискриминација. Отпорот против неуставниот и незаконски договор со конзорциумот „Бехтел“ и „Енка“ е школски пример за уставен патриотизам. Овој правен монструм не само што ги поништува политичките, економските, социјалните, еколошките и другите човекови слободи и права гарантирани со македонскиот устав туку и сите меѓународни и европски конвенции, пактови и декларации за човекови слободи и права што се веќе потпишани, ратификувани и применети во македонското законодавство. Воопшто не треба ни да се дискутира, пак, делот со експлоатацијата на природните ресурси или, пак, необјаснивиот однос кон македонското културно наследство. Борбата за поништување договор што ги ништи уставно загарантираните слободи и права на македонските граѓани е врвен чин на патриотизам.

Во текот на вчерашниот ден перверзијата на македонскиот уставен и правен поредок достигна нови и досега невидени размери. „Првиот“ вицепремиер на Владата, Артан Груби, најави дека под „европско знаменце“ ќе влезеле во собраниска процедура „законите“ со кои се суспендираат македонското законодавство и човековите права и слободи на македонските граѓани. Во македонскиот правен поредок одамна се целосно префрлени (транспонирани) клучните делови на законодавството на Европската Унија (збирката закони на ЕУ, односно acquis), посебно во делот на јавните договори, јавните набавки, работното законодавство, замислувањето, подготовката и изведбата на националните мегапроекти и така натаму. Со овој предлог на Артан Груби ќе се доведеме во надреална состојба каде што под знамето на Европската Унија, под дванаесетте златни ѕвезди на сина подлога, ќе се суспендира европското право!?! Вакво правно силеџиство е незапаметено во современата македонска историја, а тешко да се најде и соодветен пример на почвата на Европа.

Епохата на колонијализмот и на империјализмот одамна заврши, па на буништето на историјата завршија и белите раџи и махараџи, британската источноиндиска компанија, англо-персиската нафтна компанија и другите симболи на самоволното и неправедно владеење на една компанија врз цел еден народ, негова експлоатација и злоупотреба на неговите ресурси за богатење на некои личности што никогаш и нема да запаметат каде била пљачката. Време е Македонија да стави точка на „смутните времиња“, на авантурите на Зоран Заев и неговите соработници, па да си ги врати уставниот поредок, демократијата и народниот суверенитет. Поништувањето на договорот со „Бехтел“ и „Енка“ ја враќа Македонија на демократската врвица, ги крши прангите на заробената држава и го отвора патот кон европската интеграција. Македонија не е село без кучиња, не е ничија колонија и ничија сопственост, туку една современа европска земја, со народ што си го брани сопствениот суверенитет и што избрал демократски да биде владеан.