Во јужната индиска држава Керала се случи несреќа во која најмалку 21 лице ги загубија животите откако пренатрупан туристички брод се преврте. Спасувањето е во тек, а бројот на загинати би можел да биде поголем откако ќе биде извлечен бродот.
Во моментов се водат интензивни спасувачки напори за ослободување на затрупаните патници кои останале под бродот. Спасувањето било отежнато поради темнината, а локалните медиуми јавуваат дека меѓу жртвите има жени и деца кои биле на училишен одмор.
Најмалку четири лица кои се пренесени во болница се во критична состојба, потврди министерот за спорт и рибарство на Керала.
Преживеаните сведочат дека многу патници не носеле елеци за спасување во моментот на несреќата.
Бродот со патници бил преполн, што резултирало со превртување, изјави Абдул Назар, претставник на локалната полиција. Сепак, надлежните спроведуваат истрага за да се утврди точната причина за оваа трагична несреќа.
Иако бродот имал капацитет за околу 50 луѓе, се претпоставува дека на бродот имало двојно повеќе патници во моментот на несреќата што се случи во неделата вечерта.
Индискиот премиер Нарендра Моди изрази сочувство на Твитер.