Веднаш по немилите настани во соседна Србија, градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски одржа Актив со директорките на општинските основни училишта, на кој се разговараше за зголемување на безбедноста и сигурноста на учениците, објави 24инфо.
Директорките на училиштата го информираа градоначалникот за активностите кои ги спроведуваат тековно, а се поврзани со превенција на булингот, препознавањето на проблеми кај децата и нивно решавање.
„Ние, родителите ја имаме најголемата одговорност во воспитувањето на нашите деца. На директорките им дадов конкретни насоки – до крајот на оваа недела да свикаат состаноци на сите училишни тела: Совет на родители, Училишен одбор и родителски средби, да се поразговара за актуелните состојби и заедно со децата, родителите и наставниците да работиме на решавање и на надминување на проблемите на децата во училиштата“, изјави градоначалникот Герасимовски.
Градоначалникот Герасимовски од директорките побара да му достават списоци на сите обуки реализирани во минатиот период, а се поврзани со булинг и врсничко насилство. Основните училишта до општината треба да достават и нови предлози, проекти и идеи со кои заеднички, општината, наставниот кадар, учениците и родителите ќе можат да работат на решавање и надминување на состојбите.
Финалниот заклучок од состанокот на градоначалникот со директорките е дека покрај проектите и активностите на општинските основни училишта, од исклучително значење е самите родители да обрнуваат повеќе внимание на своите деца, да разговараат со нив за нивните проблеми и да вложат повеќе напор во меѓусебната комуникација.