Извонредниот музички талент од Босна и Херцеговина, 11- годишниот Ајдин Османовиќ од Сребреник, кој ја плени публиката и стана ултра популарен со маестралните интерпретации на традиционалните македонски песни „Јано мори”, „Зајди,зајди” и други, ќе го има својот прв настап во Македонија на 23 мај во Крива Паланка. Гостувањето ќе биде по повод Денот на св.Јоаким Крчовски и одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј.
Изведбата на Ајдин под менторство на неговиот професор по музичко, Јасмин Брашниќ, ги стопли срцата на сите Македонци ширум светот, со над милион прегледи на социјалните мрежи, а македонската публика ќе ја има честа да ужива во неговиот прв настап во државата за две седмици.
Османовиќ заедно со неговиот професор Јасмин Брашњиќ ќе изведат традиционални македонски песни.
-Не беше тешко да се воспостави контакт преку социјалните мрежи со професорот на младиот Ајдин, Јасмин, и без многу размислување по упатените честитки, ги поканив на гости во Крива Паланка. На 23 Мај, во Националната установа Центар за култура, со почеток од 19 часот, заедно ќе го одбележиме чествувањето на свети Јоаким Крчовски и светите Кирил и Методиј со Свечена академија и концерт, изјави Сашко Митовски, градоначалник на Крива Паланка.
На Свечената академија ќе бидат прогласени и најдобриот просветен работник и најдобрите ученици за учебната 2022/2023 година.
Општина Крива Паланка, Ајдин Османовиќ и неговиот професор Јасмин Брашњиќ, ги повикуваат сите добронамерници и почитувачи на македонската традиција, да го слушнат во живо младиот Ајдин, кој има само единаесет години, но одлично ја разбира, сака, а уште подобро ја интерпретира македонската народна песна.