Македонската ракометна репрезентација денес ги доби противниците во групата „А“ за Европското првенство во 2024 година кое ќе се игра во Германија. Лазаров и момците немаа премногу среќа, па добивме две супер силни селекции, домаќинот Германија и Франција, последната селекција е Швајцарија.

Селекторот Лазаров е свесен за тоа во каква група ќе мора да игра нашата репрезентација, меѓутоа порачува дека не смееме да се откажеме предвреме, а тој очекува напорната работа во јануари да се види на дело.

„Добиме екстремно тешка група и ќе работиме напорно да го подигнеме нашето ниво во наредниот период, да можеме барем достојно да се бориме со светските велесили во ракометот. Би звучело нескромно да се биде оптимист во ваква група, но надежта не смее да се загуби. Потребна е голема жртва и посветеност, создаваме нова компетитивна смена на генерации. Верувам во момците и очекувам да дојдат резултати од нашата работа“, изјави Лазаров.

Првиот натпревар на Европското првенство, Македонија ќе го игра на 10-ти јануари против Франција, четири дена подоцна следи натпреварот со домаќинот Германија, за во третото коло од групната фаза да се сретнеме со Швајцарија на 16-ти јануари.