Лидерот на руската приватна воена компанија „Вагнер“, Евгениј Пригожин, во видео објавено во вторникот на каналот на компанијата на „Телеграм“ тврди дека американски државјанин загинал во украински град Бахмут, пренесува Си-ен-ен.

Американскиот државјанин и платеник Николас Дуан Мајмер, инаку поранешен ветеран на специјалните сили на Армијата на САД, бил ликвидиран ноќеска, вели Пригожин во едно од последните видеа на „Вагнер“ објавено на мрежите.

Во видеото во кое говори промосковскиот воен блогер Александар Симонов, Пригожин е прикажан како прегледува едно тело и, како што тврди тој, американски документи за идентификација.

Видеото е снимено ноќе во западните делови на Артјомовск – руското име за Бахмут – и на него се слушаат звуци од минофрлачки напад.

Мајмер пристигнал во Украина пред повеќе од една година и првично ѝ се приклучил на американската приватна воена компанија „Моцарт груп“, но набрзо ја напуштил и почнал да ги обучува украинските сили за територијална одбрана, пишува истакнатиот воен дописник Евгениј Подубиниј.

Според Пригожин, Мајмер чесно загинал во војната и затоа неговото тело, кое било пронајдено во урнатините на една повеќекатница во западниот дел на Бахмут, ќе биде ставено во ковчег завиткан во американско знаме, и ќе биде испратено во САД.

„Значи, ќе им го предадеме на САД, ќе го ставиме во ковчег, ќе го покриеме со американско знаме од почит, бидејќи тој не умрел во својот кревет како дедо, туку во војна и со најверојатно достојна смрт, нели,“ вели лидерот на „Вагнер“.

Пригожин и „Вагнер“ често објавуваат видеа за пропагандни цели и често мешаат вистински снимки со пропагандни тврдења.

Си-ен-ен не може да ја потврди автентичноста на документите и не може да ја потврди националноста на телото прикажано на видеото, не наведувајќи го ниту името на загинатиот во очекување на потврда за неговиот идентитет.

 

Ниту американскиот Стејт департмент не го потврди тврдењето на Пригожин, но портпаролот рече дека се запознати со извештаите и дека бараат дополнителни информации.

„Нашата способност да ги потврдиме извештаите за смртта на американските граѓани во Украина е крајно ограничена“, истакна портпаролот во вторникот, изразувајќи им сочувство на семејствата на сите чии животи се изгубени како резултат на војната во Украина.

Тој исто така повтори дека Американците не треба да патуваат во Украина.

„Ја повторуваме нашата порака дека граѓаните на САД не треба да патуваат во Украина поради активниот вооружен конфликт и издвојувањето на американските граѓани во Украина од страна на руските безбедносни службеници. Исто така нагласуваме дека американските граѓани во Украина треба веднаш да заминат ако е безбедно да го сторат тоа користејќи какви било комерцијални или други приватно достапни опции за копнен транспорт“, додаде портпаролот на Стејт департментот.

Бахмут и понатаму останува центар на борбите на фронтот во Украина, а главните битки моментално се водат во нејзиниот западен дел.