Не постои понуда за брод на кој мораме да се качиме за ЕУ, во делови или целосно. Постои работа, труд, реформи и принципи кои мораме да ги направиме за да влеземе во ЕУ, необезличени и со достоинство, порача Мицкоски од Света Софија во Охрид.
„Не постои европски фронт за Македонија или проруска Македонија, постои само Македонија со иднина кои сами ја градиме, со европска перспектива кои сами мораме да ја оствариме. Ова е Македонија за сите. Македонија која е нашиот единствен дом“.
Вака говореше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешното чествување на Денот на сесловенските просветители во црквата Света Софија во Охрид.
– И сакам да порачам нема лева или десна, постои само една Македонија! Не постои понуда за брод на кој мораме да се качиме за ЕУ, во делови или целосно. Постои работа, труд, реформи и принципи кои мораме да ги направиме за да влеземе во ЕУ, необезличени и со достоинство.
За делото на Кирил и Методиј Мицкоски рече дека тие се дел од цивилизираниот свет и дека Македонија е колевка која на многу народи им поклонила слово, букви, писменост и просветление.
– Но воедно, дозволете да бидам подеднакво гласен и да не се согласам со ирационалноста на политиката на источниот сосед кој негира секаква наша поврзаност со овие свети браќа и нашето човечко и цивилизациско право да се потпираме на нивното дело и да полагаме право на нивното наследство. И во тие нивни негаторски политики не само што нема никаква историска поткрепа, туку сè повеќе станува очигледно дека нема темел на кој се потпира оваа Македонија и народ кој не сакаат силно да го затресат.