Земјава предолго чека пред вратите на ЕУ за влез во унијата, меѓутоа нема да се откажеме од оваа стратешка определба. Ова го порача собранискиот спикер Џафери по денешната аудиенција кај Папата Франциск во Ватикан. Во одговор на новинарско прашање посочи дека 17 години поминати во чекаланта на ЕУ, за жал предизвикале и слабеење на поддршката од граѓаните за евроитеграциите.

Во фукусот на средбата со кардиналот Пјетро Паролин биле и билатералните односи меѓу Македонија и светата столица, со акцент на паонатамошно унапредување на партнерството пред се преку националната библиотека во Скопје и ватиканската, како и меѓу тајниот архив на Ватикан и државниот архив на Македонија. Двете земји имаат и нераскинливи историски врски преку личности од минатото како што се светите апостоли Кирил и Методиј и Мајка Тереза.

За разлика од лани кога премиерот Ковачевски ја предводеше македонската делегација во Рим и Ватикан, а бугарската тогашниот премиер Кирил Петков, годинава државно-црковна делегација за прв пат ја предводи спикерот Џафери, кој заедно со неговиот бугарски колега ќе положи цвеќе на гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе”, како и пред спомен – плочата на македонски јазик во чест на Св. Кирил во базиликата „Санта Марија Маџоре” во Рим.