НАТО остро го осуди неиспровоцираниот напад во кој беа повредени најмалку триесетина мировници – иако медиумите шпекулираат со бројка од околу 41 војник- кои се справуваа со демонстрантите во Косово во понеделникот, додека тензиите се разгоруваат во оваа балканска држава.
„Додека се спротивставуваа на најактивните делови на толпата, неколку војници на италијанскиот и унгарскиот контингент на КФОР беа предмет на неиспровоцирани напади и се здобија со трауматски рани, со скршеници и изгореници поради експлозија на запаливи средства“, соопштија од КФОР.
Судирите, во кои беа повредени најмалку 50 Срби – од кои двајца серизно, а еден е во критична состојба- избија кога српските демонстранти побараа отстранување на неодамна избраните градоначалници- етнички Албанци од општинските згради.
„Насилството мора веднаш да престане. Ги повикуваме сите страни да се воздржат од дејствија кои дополнително ги разгоруваат тензиите и да се вклучат во дијалог “, велат од НАТО, нарекувајќи ги таквите дејства целосно неприфатливи.
Во понеделникот рано, групи Срби се судрија со косовската полиција пред општинската зграда во Звечан, град со мнозинско српско население, и се обидоа насилно да влезат во зградата, на што полицијата одговори со солзавец.
Мировниците на КФОР предводени од НАТО најпрво се обидоа да ги одвојат демонстрантите од полицијата, но подоцна почнаа да ја растеруваат толпата со штитови и палки.
Неколку демонстранти одговорија со фрлање камења, шишиња и молотови коктели кон војниците, но брзо беа потиснати на неколку стотина метри од општинската зграда во Звечан.
Министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани, рече дека единаесет италијански војници се повредени, од кои тројца тешко, а премиерката Џорџа Мелони ги повика сите страни да направат чекор назад кон намалување на тензиите.
Унгарскиот министер за одбрана, Кристоф Шалај-Бобровницки, информираше дека повеќе од 20 Унгарци од контингентот на КФОР биле повредени во судирите, од кои седум потешко, додавајќи дека повредените унгарски војници со хеликоптер биле пренесени во Унгарија на лекување.
Командантот на мисијата на КФОР, генералот Анџело Микеле Ристуча, ги осуди неприфатливите напади и рече дека КФОР ќе продолжи непристрасно да го исполнува својот мандат.