Ние како ВМРО-ДПМНЕ сме докажале од своето основање дека сме проевропска партија и секогаш ќе остане тоа така. Апсолутно европските челници доколку сакаат да ги забрзаат евроинтегративните процеси на Западен Балкан, вклучително и на Македонија, даваме поддршка и мислиме дека тоа е правецот, а не како досега да не уценуваат со билатерални спорови и прашања кои задираат во нашиот национален идентитет, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски за „Анализа“ на ТВ 24.
Тој истакна дека со ваква преговарачка рамка и ваква влада каква што имаме сме осудени на ќорсокак.
– Тој процес е биде обременет со историски, идентитетски и секакви прашања кои во континуитет Бугарија ќе ги условува кон Македонија. Никој досега, затоа што и ние како политичка партија имаме средби со меѓународни претставници, на прашањето дали ова е последното барање, никој до сега нема потврдно одговорено, сите молчат и креваат раменици, рече Петрушевски.
Петрушевски посочи дека 30 години слушаме убави зборови, но 30 години во континуитет сме изложени на секакви отстапки, а тоа се бара и сега, односно дека не само што ниедна држава немала вакви условувања досега, туку ова и отвора можност на Бугарија да си исполни своите замисли за тоа како тие го гледаат македонскиот јазик, идентитет, историја.
– Она што мора да го знаеме е дека ниту една држава немала ваква преговарачка рамка со промена на Устав за почеток на преговори, не зборуваме за влез. Зошто не стоело дека треба да се промени Уставот кога ќе стане членка, како што впрочем сите досега направиле, за Македонија има посебен услов. Тој услов е посебна алатка за Бугарија кој им го даде оваа влада, со ваква преговарачка рамка ќе бидеме осудени на континуиран притисок, уцени од Бугарија за тоа што тие сакаат да го постигнат како тоа дека според нив Македонците се титова творевина или дека македонскиот јазик според бугарската декларација е јазик со бугарски корени, а македонската историја дека треба да биде таква како што ќе побара Бугарија. ако ова не се испорача ќе бидеме блокирани, изјави Петрушевски.