СДСМ преку соопштение го охрабрува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски да остане на ставот за прифаќање уставни измени за, како што велат, доброто на земјата.

-Минатата среда целата македонска јавност го слушна Мицкоски како вели дека се согласува со предлогот на претседателот Ковачевски за уставни измени и учество во заедничка Влада, под одредени услови. Сега не е време за политички калкулации и мерење на партиските и личните рејтинзи, сега е време на одговорност, пред сопствените граѓани, пред иднината на државата, истакнуваат од владеачката партија.

Од „Бихаќка“ нагласуваат дека не треба да се пропушти оваа шанса.

-Сега треба дијалогот да продолжи се до заокружување на процесот и обезбедување на европската иднина на државата, стои во партиското соопштение.

ВМРО-ДПМНЕ вчера го објави својот конечен став во однос на уставните измени.

-Ефективни уставни измени по успешното завршување на преговорите и членството на (Северна Република) Македонија во ЕК, ова е последниот и конечен став на ВМРО-ДПМНЕ. Доколку ЕУ навистина сака да ја види Македонија во европското семејство , ова е одлична позиција за компромис и продолжување на процесот. Го охрабруваме Европскиот совет сериозно да го погледне ставот на ВМРО-ДПМНЕ и заедно да дадеме можност за иднина на македонските граѓани со за, порачаа од најголемата опозициска партија.

Вчера од делегацијата на ЕУ во Скопје потсетија дека се јасни заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година во однос на уставните измени и свикувањето на Втората меѓувладина конференција.