Денеска, на маргините на Преспа форум дијалог, делегацијата на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ се сретна со делегацијата предводена од министерот за европски прашања на Република Ирска, Питер Бурк.
На средбата беше разговарано за пристапните преговори со ЕУ, реформите, процесот на уставни измени и регионалната соработка.
– Македонија е искусен кандидат за членство во ЕУ. Оваа година е клучна и за регионот и за Европа и имаме зрел момент со јасен план и мудри одлуки да бидеме успешна европска приказна, по примерот на Ирска, која добро процени дека решавањето на отворените прашања носи придобивки кои ги нуди европскиот проект, рече на средбата Маричиќ.
Маричиќ и Бурк се согласија дека неопходно е забрзано пристапување во ЕУ на земјите од Западен Балкан и дека крајно време е сега да се остварат ветувањата од Самитот во Солун.
Ирскиот министер укажа дека Ирска е силен поддржувач на интеграцијата на Македонија и Западен Балкан во ЕУ, бидејќи проширувањето придонесува за посилна и безбедна Европа, потенцирајќи дека членството во ЕУ треба да се заснова на критериуми кои се строги, но фер и дека билатералните спорови не треба да бидат дел од процесот на пристапување.
Вицепремиерот во таа насока посочи дека е важно да продолжи одличната и пријателска соработка меѓу двете земји и изрази уверување ваквите односи ќе придонесат за побрза интеграција на Македонија во ЕУ.
На крајот на средбата ирскиот министер му врачи на вицепремиерот книгата „Пофалба за Улис: Одисеја на читателот“ од Ден Мулхол, која има своја симболика во надминувањето на предизвиците и постигнувањето на целта, како суштински портрет на Ирска.