Вработените во управата за време на паузата, со получасовен протест пред главната зграда на Царина побараа да им се исплати додатокот на плата од 30%, кој според закон им следува, но како што тврдат никогаш не го добиле. Трпе Деаноски од УПОЗ вели дека револтот кај вработените во целата државна администрација е огромен, а доколку не наидат на слух кај надлежните ќе ги радикализираат протестите.
„Министерството и сите органи добија додаток на плата од 30%, иако и Царина е под капа на финансии и се понадевавме дека конечно ќе го добиеме додатокот, но одговорот беше негативен. / Ова барање не е посебно барање и не е поврзано со колективниот договор, а методологијата која ја понудија не е прифатлива. Наше барање е праведно, правично и законски издржано. Не бараме преку леб погача, го бараме само она што ни следува. “ изјави Трпе Деаноски, УПОЗ.
На протестот се појави и новиот директор, екс градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев кој изјави дека не може да вети решение, но како новоназначен, побара повеќе време да се запознае со проблемите и најави дека ќе бара средба и со министерот за финансии.
„Ја сум неполни 24 часа на позицијата, излегов да поканам претставници на синдикатот да дојдат и да ми ги кажат детално барањата кои ги имаат. Потоа со службите ќе разговараме што до сега е направено и во координација со УЈП ќе разговараме и со министерството за финансии. Во моментов не можам да ветам ниту да кажам ништо, мислам дека е логично и барам да ми се даде некое време да се запознаам со деталите.“ кажа Стефан Богоев, директор на Царина.
Освен Царина, по два часа во денот со истото барање денеска протестираат вработените и во УЈП. Вратите за странки се затворени од 10 до 12 часот. Тие веќе најавија дека се подготвуваат за генерален штрајк, кој според нив ќе значи колапс на државата.
Инаку револтот во овие две институции следи откако Бесими им исплати 30% додаток на плата само на вработените во неговите редови, а не и во УЈП и Царина иако и тие се под капа на ова министерство.
Бесими им порача дека додека не се донесе методологијата за раст на платите, ниедна институција да не очекува поединечно решение.
На синдикатите им понуди основица за пресметка на примањата да биде просечната плата, но дури од 2028та година. Оваа понуда синдикатите веќе ја одбија.